За денес во Парламентот е закажано одржување на седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните. Седницата е иницирана по претставка поднесена од родителите на младите лица кои трагично ги загубија животите во пожарот што избувна во кочанската дискотека „Пулс“.
Семејствата на жртвите инсистираат на неодложно одржување на седницата, предупредувајќи дека нема простор за нови пролонгирања. Тие очекуваат целосно присуство од сите пратеници, како и претставници на релевантните институции, потенцирајќи дека денешниот термин е единствена можност за директно обраќање пред Собранието.
Во меѓувреме, опозицијата изразува загриженост дека седницата може да пропадне поради недостиг на кворум, доколку пратениците од владејачкото мнозинство одлучат да не се појават.
И покрај предлогот на претседателот на Собранието за одложување, поради тековната расправа за буџетот, партијата „Левица“, чиј претседател, Димитар Апасиев, раководи со комисијата, останува на првично закажаниот датум и време.
Паралелно со работата на ова тело, собранието веќе има формирано и посебна анкетна комисија. Нејзината задача е да ги разгледа сите поголеми трагедии кои се случиле во земјата во изминатите години, во чиј опфат спаѓаат и настаните поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“.