Поранешниот министер Кирил Миноски на социјалните мрежи го коментира растот на БДП на Македонија со кој се фалат македонските власти.
Во продолжение објавата на Миноски:
БДП и вистинскиот раст: Што ни треба за достоинствен живот?
Во јавноста често зборуваме за раст на БДП, но ретко прашуваме од што доаѓа тој раст. Не секој раст создава вредност – има раст што ја подобрува реалността, и раст што само ја подобрува статистиката.
Од каде доаѓа растот во Македонија?
• Зголемена потрошувачка – кредити за станови, автомобили, техника; повисоки плати во јавен сектор; дознаки од странство.
• Градежништво – станови, патишта и инфраструктура што сами по себе додаваат 1–2% раст.
• Извоз од ТИРЗ – ниска додадена вредност, но висок обем.
Зошто тогаш не го чувствуваме тој раст?
• Инфлацијата го крева номиналниот БДП, без реален напредок.
• Трошиме туѓи пари и кредити, а не произведуваме повеќе.
• Градежништвото ја напумпува статистиката, но не остава долгорочен развоен ефект.
Имаме раст без развој – економија на згради и бетон, кредити и странски пари. Статистиката вели „раст“, а реалноста – стагнација.
Вистинскиот, одржлив раст доаѓа од:
• продуктивни инвестиции,
• повисока ефикасност,
• извоз и иновации,
• поквалитетни работни места.
Овој раст го крева животниот стандард, ги зголемува платите и создава можности.