Рускиот генерал Валериј Герасимов соопшти дека руските сили остваруваат напредок по целата линија на фронтот во Украина и извршуваат притисок врз украинските единици околу Мирноград. Според него, претседателот Владимир Путин издал наредба за пораз на украинските сили во овој град, кој пред војната броел околу 46.000 жители и се наоѓа источнo од Покровск.
Герасимов тврди дека руските сили веќе презеле контрола врз повеќе од 30% од објектите во Мирноград и дека украинските позиции се опколени. Русија го користи советското име Димитров за Мирноград, а за соседниот Покровск – Красноармејск – тврди дека е во целосна руска контрола.
Киев, сепак, категорично ги негира ваквите изјави. Украинската страна тврди дека сè уште држи дел од Покровск и дека борбите во Мирноград продолжуваат, отфрлајќи ги тврдењата за опколување на своите сили.
Според последните процени, Русија моментално контролира околу 19,2% од украинската територија, вклучувајќи ги Крим, Луганск, над 80% од Донецк, околу 75% од Херсон и Запорожје, како и делови од регионите Харков, Суми, Николаев и Дњепропетровск.
Украина инсистира дека ги држи своите одбранбени линии и ѝ нанесува значителни загуби на руската армија за, како што тврди, релативно ограничени територијални добивки.
Путин неодамна повтори дека Русија ќе го заземе целиот Донбас доколку украинските сили не се повлечат – став што Киев решително го отфрла.