3 минути за читање
Никола Парапунов – Владо (1. 7.1909 – 9.12.1943) е македонски револуционер, истакнат организатор и раководител на партизанското антифашистичко движење во Пиринскиот дел на Македонија. Роден роден на 1 јули 1909 година во Разлог во семејство на шивачки работник. Во 1924 година, по завршувањето на трети клас во месната седмолетка, Никола продолжил да се школува во средното техничко училиште во Софија, на градежна насока. Уште како ученик станал член на сојузот на комунистичката младина – Комсомол. По завршувањето на школувањето се вратил во родниот град каде работел и соработувал со тогашната ВМРО (обединета). Во 1931 година Парапунов станал член на Бугарската комунистичка партија, а на почетокот на наредната година станал член на нејзиното окружно раководство во Петрич.
Во 1933 година, поради својата комунистичка дејност. Парапунов бил уапсен и осуден на 15 години затвор. Во затворот раководел со кружоци и држел предавања за националното прашање, посебно за македонското национално прашање. Никола Парапунов бил во затвор сѐ до 1941 година. По излегувањето од затвор преминал во илегала и станал еден од првите партизани во Пиринскиот дел на Македонија. На 26 јуни 1941 година тој ја организирал Разлошката партизанска чета, првата вооружена партизанска формација во Бугарија. Бил командир на Разлошката чета и командир на Четвртата Горноџумајска востаничка оперативна зона на НОВА.
Парапунов ги поттикнал почетоците на партизанското движење во Пиринскиот дел на Македонија и Бугарија. На територијата на Пиринска Македонија, не само што во 1941 година ќе се оформат партизански одреди под водството на Парапунов, туку во Пиринска Македонија ќе се одигра и првата вооружена борба против бугарската војска и воопшто првата вооружена битка против фашистичките окупациски војски на Балканот. По основањето на Отечествениот фронт (ОФ) во 1942 година Никола Парапунов работел за развој на неговите структури во Пиринска Македонија. Тој бил секретар на Окружниот комитет на БКП и на IV востаничка оперативна зона (IX 1941). Меѓутоа, Парапунов дошол во судир со ЦК на БКП за прашањето за оружената борба и раководниот состав на Четвртата Горноџумајска востаничка оперативна зона на НОВА. Бидејќи се застапувал за заедништво на партизанските движења од трите дела на Македонија и нејзино обединување.
На почетокот од 1943 година Парапунов станал член на ЦК на БКП, но загинал кај месноста Сува Чешма, во близина на селото Бараково, по патот за Горна Џумаја, на 9 декември 1943 година во заседа од бугарската војска и полиција. По неговата смрт Разлошкиот партизански одред го носи неговото име, а македонскиот народ ја испеал песната „Имала мајка едно ми чедо“:
Имала мајка едно ми чедо едно ми чедо Никола
Очите ѕвезди, лице трендафил, левенто чедо крилато.
Ееееј Никола, ееееј јунак пирински.
Му здодеало од чорбаџии, од клето ропство фашистко.
Тргнал Никола в бој да се бие за наша мајка Македонија.
Ееееј Никола, ееееј јунак пирински.
Дигнал ми глава херој Никола
за правда и за слобода.
Тргнал Никола в бој да се бие
за наша мајка Македонија.
Ееееј Никола,
ееееј јунак пирински.