Борбите меѓу Тајланд и Камбоџа ескалираа по должината на нивната спорна граница, додека двете земји се закануваат дека ќе го бранат својот суверенитет. Двете страни се обвинуваат за обновување на судирите, што ја прави неизвесна иднината на кревкиот прекин на огнот постигнат со посредство на Доналд Трамп во јули.
Поранешниот премиер на Камбоџа, Хун Сен, изјави дека неговата земја почекала 24 часа за да се почитува прекинот на огнот и да се овозможи евакуација, пред да започне контранапад врз тајландските сили ноќеска. Во Тајланд, воени функционери пријавија судири во пет погранични провинции, а операцијата во провинцијата Трат за протерување на камбоџанските војници се очекува наскоро да заврши. Според нив, Камбоџа користи артилерија, ракетни лансери и дронови во нападите.
„Тајланд е решен да ги брани своите суверенитет и територијален интегритет и затоа мора да се преземат воени мерки по потреба“, изјави портпаролот на министерството за одбрана Сурасант Конгсири.
Министерството за одбрана на Камбоџа, пак, ги обвини тајландските сили за „брутални и незаконски дејствија“, наведувајќи дека од вчера загинале девет цивили, а 20 се тешко повредени. Тајландските власти соопштија дека во борбите загинале тројца војници, а 29 лица се повредени. Двете земји евакуирале стотици илјади луѓе од пограничните региони.
Тензиите се зголемија откако Тајланд минатиот месец ги суспендираше мерките за деескалација, договорени на самит под надзор на Трамп, по смртта на еден тајландски војник од нагазна мина. Ова се најжестоките судири од петдневните борби во јули, кога загинаа најмалку 48 лица, а 300.000 беа раселени.
Тајланд и Камбоџа повеќе од еден век го оспоруваат суверенитетот на необележани точки долж нивната копнена граница од 817 километри.