Системот „Безбеден град“ (Safe City) влегува во фокусот на јавноста, а најновите информации од првиот човек на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје, Сашо Топаловски, откриваат шокантни исклучоци и недоречености кои допрва ќе ги брануваат граѓаните.
Топаловски синоќа потврди дека камерите ги „фаќаат“ и регистарските таблички во боја на службените возила, но – внимание – судбината на овие возила сè уште виси! Не е познато дали тие ќе бидат ставени на листата на „недопирливи“ како што се веќе противпожарните возила и возилата на брзата помош при интервенција.
Најголемата контроверза доаѓа од „VIP“ категоријата! Возилата во кои се превезуваат носителите на највисоките државни функции нема да бидат казнувани, бидејќи се движат под посебен сообраќаен режим. Дали ова значи дека привилегијата ја поништува сообраќајната безбедност за избраните, додека обичните граѓани ќе бидат ставени под лупата на законот?
На прашањето кое најмногу ги мачи возачите – дали ќе има казни за само еден километар над дозволената брзина – началникот не понуди никаков прецизен одговор. Наместо тоа, ретерираше со констатацијата дека „се разгледува праксата во други држави и градови во Европа“. Ова ја остава јавноста во неизвесност додека „Безбеден град“ демне од зад аголот.
Топаловски го отвори и болното прашање за плаќањето на глобите, најавувајќи дека се размислува за специјализирана апликација.
„Размислуваме за една специјализирана апликација каде што ќе има број што ќе го добиете и кој ќе биде единствен за плаќање на таа казна. Техничарите размислуваат за една таква апликација“, изјави тој.
Сепак, сè додека не се воведе модерното решение, граѓаните ќе мора да се потпрат на старите, побавни процедури: чекање на прекршочен налог и одење во банка – нешто што, според Топаловски, голем дел од граѓаните го преферираат пред онлајн плаќањата.
Останува да видиме кога ќе се дефинираат линиите на толеранција за брзината и дали службените возила ќе добијат бел чаршав или ќе се соочат со правдата на камерите.