Џани Инфантино, претседателот на ФИФА, се соочува со сериозни обвинувања за повеќекратно прекршување на етичкиот кодекс на светската куќа на фудбалот. Против него е поднесена официјална жалба до Етичкиот комитет на ФИФА, со тврдење дека тој ја прекршил обврската за политичка неутралност преку неговата јавна поддршка за американскиот претседател Доналд Трамп.
Жалбата, која ја поднесе непрофитната организација „FairSquare“, бара и истрага за процесот преку кој на Трамп му беше доделена инаугуративната „Награда за мир на ФИФА“ минатиот петок во Вашингтон.

Четири обвинувања за прекршување на неутралноста
Во документот кој се протега на осум страници, организацијата детално опишува четири случаи каде Инфантино наводно го прекршил членот 15 од Етичкиот кодекс на ФИФА, кој наложува строга политичка неутралност.
Првото обвинување се однесува на јавното лобирање за Нобелова награда. Имено, на 9 октомври 2025 година, само еден ден пред објавувањето на добитникот, Инфантино на социјалните мрежи напиша дека претседателот Трамп „дефинитивно ја заслужува Нобеловата награда за мир за неговите решителни акции“, што се смета за директно мешање и лична поддршка во политичка ситуација.
Вториот инцидент посочен во жалбата се случил на 5 ноември на бизнис форум во Мајами. Таму, Инфантино јавно го бранеше Трамп од критиките, нарекувајќи го „навистина близок пријател“ и повика сите да го поддржат она што тој го прави. Организацијата тврди дека ова претставува јавно охрабрување на луѓето да ја поддржат политичката агенда на американскиот претседател.
Третиот спорен момент се случи на самата церемонија на ждрепката за Светското првенство во Вашингтон. Инфантино директно му се обрати на Трамп од сцената, велејќи дека тоа е она што се бара од еден лидер и му вети дека секогаш може да смета на неговата поддршка. Според подносителите на жалбата, ова е недвосмислено одобрување на надворешната политика на Трамп.
Конечно, четвртото прекршување се однесува на видео објавено во јануари, каде Инфантино му се заблагодарува на Трамп за поканата на инаугурацијата користејќи ја фразата дека заедно ќе ја направат „не само Америка повторно голема, туку и целиот свет“, што е директна употреба на слоганот (MAGA) од политичката кампања на Трамп.

Контроверзната „Награда за мир“
Покрај личните испади на претседателот, жалбата посебно бара истрага за тоа како воопшто е креирана и доделена „Наградата за мир на ФИФА“. Според извештаите, процесот бил крајно нетранспарентен, при што ниту Советот на ФИФА, ниту потпретседателите не биле консултирани за наградата или критериумите пред таа да биде јавно објавена и доделена.
Организацијата „Human Rights Watch“ (HRW) веќе побара објаснување од ФИФА, истакнувајќи дека наградата нема легитимитет бидејќи немало номинирани, немало јасни критериуми, ниту пак судии. И покрај контроверзиите, Трамп ја прими наградата, која вклучуваше голем трофеј, медал и сертификат, опишувајќи го моментот како една од најголемите почести во неговиот живот.
Сега на потег е Независниот етички комитет на ФИФА, предводен од Мартин Нгога од Руанда. Останува да се види дали ќе биде покрената постапка против првиот човек на светскиот фудбал, што теоретски би можело да доведе до опомена, парична казна или дури и забрана за вршење функции, доколку се утврди дека етичкиот кодекс навистина бил прекршен.