Постојат спортисти кои играат за статистика, и постојат спортисти кои играат за душа. Лестер Бо Мекејлеб секогаш припаѓаше на втората група. Човекот кој на Македонија и ја донесе најголемата кошаркарска радост во историјата, викендов го доживеа врвот на својата лична бајка, таму каде што сè започна – дома, во Њу Орлеанс.
Во емотивна церемонија на Универзитетот Њу Орлеанс (UNO), дресот со број 1, кој Бо го носеше додека го покоруваше колеџ-паркетот, беше официјално повлечен од употреба и кренат под сводовите на салата.
„Сакав само мајка ми да беше тука…“
Ова не беше само церемонија за бројки и рекорди. Ова беше момент на чиста, нескриена емоција. Тивкиот херој, кој обично зборуваше само преку своите неверојатни продори, не можеше да ги задржи солзите.
„Ова е посебен момент. Благословен сум што сум во оваа ситуација. Ви благодарам на сите што ме водевте во вистинскиот правец. Ова е големо. Само би сакал мајка ми да беше тука, да можеше да го види ова“ – изјави расплаканиот Мекејлеб пред присутните.
Honoring a legend! Bo McCalebb becomes the third Privateer basketball player to have his jersey retired!
Congrats Bo!#NOLAsTeam ⚔ pic.twitter.com/UN3NkYB9qe
— New Orleans Men’s Basketball (@PrivateersHoops) December 6, 2025
Статистика за историја
За оние кои го паметат само по херојствата во Литванија 2011, бројките од неговите универзитетски денови звучат застрашувачки. Во периодот од 2003 до 2008 година, Мекејлеб постигна 2.679 поени на 128 натпревари.
- Тој е убедливо најдобар стрелец во историјата на Универзитетот (779 поени повеќе од второпласираниот).
- Тој е најдобар стрелец во историјата на „Sun Belt“ конференцијата.
- Се наоѓа на 24-то место на вечната листа на стрелци во целата NCAA лига.
Од „резервен план“ до европска икона
Животната патека на Бо е филмска приказна. Недрафтуван во НБА, кариерата ја започна во турски Мерсин. Судбината сакаше тој да стигне во белградски Партизан како „втор избор“ откако Милт Паласио не се појави во тимот.
Тој момент ја промени европската кошарка. Од Партизан и фајнал-форот во Париз, преку доминацијата со Сиена, па сè до оној незаборавен септември во Литванија кога стана „Бошко Мекејлебовски“ и ја однесе македонската репрезентација до четвртото место во Европа.
Bo McCalebb (@lmccale4) erupts for 2⃣3⃣ PTS in @Makbasket 🇲🇰’s biggest ever @EuroBasket win!
📺 16:00 GMT on https://t.co/ZohoZyLCrk & https://t.co/Gz8KmZPuen pic.twitter.com/GF7wNbbpup
— FIBA EuroBasket (@EuroBasket) July 15, 2020
Денес, тој дрес со број 1 виси високо во Њу Орлеанс, но во срцата на Македонците, Бо секогаш ќе остане нашиот број еден.