Премиерот Христијан Мицкоски денеска јасно го потенцираше ставот на Владата дека Македонија нема да прифати илегални мигранти и нема да дозволи поставување шатори за нив на територијата на земјата.
Повод за изјавата беа објавите на британските медиуми дека Велика Британија разгледува можност за депортирање на одбиени баратели на азил во Северна Македонија, при што секој депортиран мигрант би бил платен од британската страна. Мицкоски изјави дека со британските власти оваа тема не е разговарана и дека, доколку биде, Владата ќе ја одбие таквата опција.
„Во објавите се наведува ‘неуспешни апликанти за азил да ги праќаат во трети земји’. Да потенцирам пред македонската јавност – таква тема не е предмет на разговор, а и да биде, ќе биде одбиена од наша страна. Нашата цел е заеднички да се бориме против илегалната миграција и да ја браниме Европа“, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека опозицијата се обидува да го користи прашањето за мигрантите за политичка кампања, но нагласи дека борбата против илегалната миграција е фундаментална политика на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој најави и нов проект „Безбедна држава“, инспириран од концептот „Безбеден град“, кој ќе овозможи мониторинг на македонските граници и ќе го спречи илегалниот влез, шверцот и трговијата со луѓе.