Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, проговори за конфликтот со Мохамед Салах по победата со 0-1 над Интер во Лигата на шампионите.
Триесет и тригодишниот Египќанец не влезе во игра против Лидс за време на викендот, а пред тоа влезе како резерва на два последовни дуели.
По натпреварот, Салах упати остри критики кон клубот и кон Слот, изјавувајќи: „Направив толку многу за Ливерпул, а сега ме фрлаат под автобус. Ќе си заминам пред Купот на африканските нации. Не знам што следува“.
Потоа напаѓачот не беше вклучен во составот за гостувањето кај Интер.
Ливерпул им одговори на сите проблеми со победа над Интер на „Сан Сиро“, со мала помош и од ВАР во клучните моменти.
„Јас ги одвојувам тие работи. За играчите беше многу тешко да примат гол во последната минута против Лидс. Буквално не им дозволивме ниту една шанса и тоа беше тешко за да се преживее. Самото тоа беше емотивно, а тоа што се случи потоа исто така беше емотивно“, изјави Слот.
„Во составот имавме 13-мина играчи со искуство во Премиер лигата или Лигата на шампионите. Го примивме тој гол, а потоа се изговорија многу работи“, продолжи Холанѓанецот.
„Обично ваквите ситуации влијаат и на играчите затоа што тој (Салах) има огромно влијание и во клубот и врз соиграчите. Затоа никогаш не е пријатно кога се случува нешто со нивен колега“, објасни Слот.
„Разговорот треба да биде за тоа што го направивме во Милано. Но, целосно разбирам дека на прес-конференцијата во петок сите прашања ќе бидат за Мо“, призна Слот.
„Секој прави грешки во животот, но прашањето е дали играчот сфаќа дека згрешил? Дали иницијативата треба да дојде од него или од мене? Тоа е друго прашање“, додаде Слот, со што јасно истакна дека очекува извинување од Салах.