Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска и утре ќе учествува на Истанбулскиот економски самит 2025.
На Самитот ќе учествуваат високи претставници на влади, меѓународни организации, како и претставници од деловниот сектор и академската заедница.
Министерката на отворањето ќе има воведно обраќање на тема „Нова рамнотежа и глобална соработка“, во кое ќе ги потенцира актуелните предизвици на светската економија и значењето на градењето силни и отпорни економски врски.
Утре Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на панел-дискусијата „Нови текови на глобалните финансии: нова рамнотежа, дигитални валути и економски партнерства“, посветена на иднината на финансиските системи, растечката улога на дигиталните валути и развојот на економски партнерства помеѓу државите.
-Фокусот на Самитот е насочен кон економски политики за одржлив раст, јакнење на економската соработка помеѓу државите и развој на нови партнерства.
На него ќе се дискутира за глобалната економија, одржливиот развој и зелената економија, енергетиката и финансиите, дигиталната трансформација, како и за улогата на образованието во привлекувањето странски инвестиции.
Учеството на министерката ќе овозможи размена на искуства со водечките економски и политички чинители на глобално ниво, наведува Министерството за финансии