Новото истражување „Религијата во политичките кампањи“, спроведено во ноември 2025 година од Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС), порталот Religija.mk и Фондацијата Конрад Аденауер, покажува дека опаѓа влијанието и употребата на религијата во политичките кампањи во Македонија, но и дека дел од граѓаните сè уште ја препознаваат како фактор во изборниот процес.

Според податоците, 28% од испитаниците сметаат дека религијата повеќе или помалку е користена во кампањите, што претставува пад во однос на претходните мерења во 2020 и 2017 година. Истовремено, 51% веруваат дека религијата малку или воопшто не се користи во политичката комуникација на партиите.

Граѓаните генерално се против користење религиозни симболи во кампањи – дури 68% го сметаат тоа за злоупотреба на религиозните чувства.
И покрај тоа, околу една петтина од гласачите признаваат дека религиозноста на кандидатот, посетите на верски објекти или барањето благослов од верски лидери може да има одредено влијание врз нивниот избор.

Истражувањето покажува и дека етнички албанските партии нешто повеќе ја користат религијата во кампањите во споредба со македонските политички субјекти, но и кај нив е забележан тренд на намалување во последните години.

Кога станува збор за вмешаноста на верските заедници во политиката, 49% од граѓаните сметаат дека верските лидери имаат одредено влијание. Сепак, големо мнозинство – 77% – се против верските претставници јавно да поддржуваат политички субјекти.
Според анализата, само 24% од испитаниците веруваат дека верските заедници фаворизирале одредена партија на последните избори, а меѓу нив, по околу 6% сметаат дека фаворити биле ВМРО-ДПМНЕ, НАИ или ВРЕДИ.
Истражувањето потврдува дека Македонија останува мултирелигиско и генерално религиозно општество, но трендовите укажуваат на постепено одвојување на политичките процеси од религиозните влијанија и намалување на нивната улога во современите изборни кампањи.