Најпознатиот спортски весник во Италија, „Газета дело спорт“, го избра Лоренцо Музети за спортист на годината во Италија.
Ова е шокантна одлука за многумина, бидејќи осморангираниот на светот Музети, не е најдобар тенисер во неговата земја, туку Јаник Синер, па се поставува прашањето според кои критериуми Музети е пред Синер. Но, италијанската јавност му е лута на Синер што не играше во Дејвис купот и можеби го казнуваат на ваков начин.
Музети годинава не освои ниеден турнир, додека Синер освои два гренслема и завршниот Мастерс, а голем дел од годината беше прв на АТП листата.
„Лоренцо Музети кој се пласираше меѓу првите десет во светот оваа година, е последниот преостанат поет со рекет во рацете. Тој е жив доказ за тоа што може да направи комбинација од талент и напорна работа. Оваа година, Лоло ги задоволи дури и вечно незадоволните. Во фантастичната 2025 година, прв пат влезе меѓу првите 10, првпат играше финале на Мастерс, се квалификуваше за завршниот турнир“, стои во образложението на италијанскиот весник.