Европската Унија официјално побара од Албанија да врати 33,5 милиони евра од програмата ИПАРД 2, по утврдените нерегуларности во користењето на средствата во периодот 2020–2022 година, објави „Лајме јаворе“. Одлуката доаѓа по деталната истрага на Европската канцеларија за борба против измами (OLAF), која идентификувала 52 случаи на злоупотреба на фондови наменети за албанските земјоделци и агро-прехранбениот сектор.
Во изјава за А2 CNN, Европската комисија била јасна: секој евроцент што бил искористен нерегуларно мора да биде вратен, нагласувајќи дека Тирана мора со „најголема сериозност“ да пристапи кон проблемот.
Локалните медиуми предупредуваат дека Албанија е најлошо рангирана во регионот по злоупотребени средства, дури полошо и од Турција. Дополнителен удар е суспензијата на финансирањето од ИПАРД 3 – вкупно 146 милиони евра, од кои 112 милиони се средства од Европската Унија. Доколку владата не спроведе корективни мерки, ризикува целосно губење на средствата до 2027 година.
Европската комисија потврдува дека е во тек билатерална постапка за да се утврди дали албанските институции ќе успеат да ја повратат довербата во системот.
Паралелно, предметот го отвори и албанското Специјално обвинителство за корупција и организиран криминал (СПАК), кое истражува како биле распределувани средствата, кој бил корисник, и кои институции или поединци стојат зад злоупотребите.