Вонреден инспекциски надзор спроведен од Фондот за здравствено осигурување утврди неправилности во функционирањето на 14 јавни здравствени установи низ Северна Македонија, од кои две се во Скопје. Надзорот бил извршен во службите за Итна медицинска помош и домашна посета.
Како што информира директорот на ФЗО, Сашо Клековски, инспекцијата опфатила вкупно 37 јавни здравствени установи – 29 надвор од Скопје и осум во главниот град. Во 23 институции не биле утврдени недостатоци, додека во 14 биле констатирани сериозни неправилности.
Според Клековски, седум установи работеле со интерни ценовници кои немале одобрение од Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство. Тој нагласи дека не станува збор нужно за штета по пациентите, но дека ценовниците не биле официјално усвоени.
Во две институции било утврдено погрешно фактурирање кон Фондот, додека уште две фактурирале услуги за кои немале дозвола. При теренските контроли биле откриени и посериозни пропусти – во една установа надвор од Скопје немало лекови против болки, а резервите на лекови во Итната помош биле под минималниот потребен праг. Во друга институција, пак, воопшто немало медицински екипи за обезбедување на здравствени услуги.
На сите установи кај кои се утврдени неправилности им е даден рок од два месеци за нивно отстранување, по што ќе следи повторна контрола. Клековски посочи и дека Фондот не бил навреме информиран дека службата за домашна посета во Шуто Оризари е целосно затворена поради недостаток на персонал.