1 минута за читање
Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер издаде соопштение во кое ги демантира информациите дека нивниот играч Дејан Манасков бил приведен по вчерашниот натпревар против ГРК Охрид.
Во соопштението од клубот се вели: „Ракометарот на Еурофарм Пелистер – Дејан Манасков беше повикан на информативен разговор во СВР Охрид, по што е пуштен дома, ги демантираме сите медиуми, дека нашиот ракометар е приведен“.
Ова доаѓа по вчерашната официјална информација од портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, кој изјави: „На 14 декември 2025 година во 20:20 часот, во СВР Охрид приведен е Д.М. (33) ракометен играч од Скопје, член на ракометен клуб од Битола. Тој, по завршување на ракометен натпревар што се одржуваше во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид, при меѓусебното поздравување на играчите, физички го нападнал К.А. помошен тренер на домашниот-охридскиот ракометен клуб. По целосно расчистување на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава“.
Натпреварот заврши со убедлива победа на ГРК Охрид од 29:25, при што домаќините во еден момент водеа и со девет голови разлика. По завршувањето на мечот дојде до инциденти меѓу играчите и навивачите на Пелистер, кои тешко го прифатија поразот.
Случајот продолжува да се расчистува, а од полицијата се очекуваат дополнителни детали.