На играчите и навивачите на Еурофарм Пелистер тешко им падна поразот од ГРК Охрид во ракометното дерби, па по завршувањето на мечот имало инциденти и работа за полицијата.
Крилниот играч на Пелистер, Дејан Манасков, го нападнал помошник тренерот на Охрид, Крсте Андоновски. Манасков бил приведен, а по целосно расчистување на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Битолчани ја искршиле вратата во гостинската соблекувална, а имало инцидент и во центарот на Охрид кога група гостински навивачи нападнале охриѓани.
„На 14.12.2025 година во 20.20 часот, во СВР Охрид приведен е Д.М. (33) ракометен играч од Скопје, член на ракометен клуб од Битола.
Тој, по завршување на ракометен натпревар што, денеска се одржуваше во спортската сала „Биљанини Извори“ во Охрид, при меѓусебното поздравување на играчите, физички го нападнал К.А. помошен тренер на домашниот-охридскиот ракометен клуб.
По целосно расчистување на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава, објаснија од СВР Охрид.