Извршниот директор на Баер Леверкузен, Фернандо Каро, не штедеше критики кога беше прашан за тешката ситуација во која се наоѓа поранешниот тренер на германскиот клуб, Чаби Алонсо, во Реал Мадрид. Шефот на „аспирините“ откри дека неодамна се сретнал со Алонсо и остро го критикуваше мадридскиот клуб, директно истакнувајќи дека не се однесува кон него на начинот на кој поранешниот фудбалер го заслужува.
Во интервју за „Скај Германија“, пред победата на Баер Леверкузен против Келн (2-0), Каро потенцираше дека вратите на „Бај Арената“ секогаш ќе бидат отворени и за Чаби Алонсо и за Флоријан Вирц, поранешната ѕвезда на тимот, кој исто така не минува низ најдобриот период по трансферот во Ливерпул летото 2025 година.
„За време на паузата за репрезентации поминав еден викенд во Мадрид, а тренерскиот тим и семејството на Чаби Алонсо двапати беа во нашиот дом. Имаме многу добри односи, во овие три години бевме како семејство. Знам дека тие ги следат нашите натпревари, а ние – нивните. Има големо меѓусебно почитување и поддржуваме блиски контакти“, истакна Каро.
На прашањето дали би му дал некој совет на Чаби Алонсо во овие тешки моменти во Реал Мадрид, Каро одговори дека има понуда веднаш да се врати во германскиот клуб.
„Не му давам совет. Посакувам да останеше кај нас, но знаеме дека е тренер со огромен талент, кој се соочува со сосема поинаква средина во Мадрид. Ако претседателот вели дека тренерот е нужно зло, ако тренерот е оставен сам и секогаш тој ги сноси критиките, тогаш ситуацијата е многу поразлична од онаа во Баер Леверкузен, каде што сите работевме заедно и не го остававме тренерот сам“, нагласи Каро.
На крајот, тој испрати порака до Вирц и до Чаби: „Вратата е отворена. Ако сакаат да се вратат, можат тоа да го сторат во секое време“, заврши извршниот директор на Баер Леверкузен.