Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави Ревизорскиот извештај за работењето на АД Државна Лотарија за 2024 година.
„ДЗР се воздржа од изразување мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и даде неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива во работењето на АД Државна лотарија на Република Северна Македонија за 2024 година“ се наведува во воведот во Извештајот.
Од ДЗРутврдиле сериозни слабости во финансиското управување, отсуство на внатрешни контроли и низа нерегуларности кои, според извештајот, отвораат сомнеж за можна злоупотреба на јавни средства во износ од 122,5 милиони денари (околу 2 милиони евра).
Во 2024 година, Државна лотарија остварила дневен пазар од над 46 милиони денари на 10 сопствени продажни места, но средствата не биле редовно уплатувани на платежните сметки, спротивно на законските обврски. Во текот на целата година, уплати на „дневен пазар“ биле извршени само двапати, при што ревизорите утврдиле дека не станува збор за реален дневен промет, туку за префрлање готовина меѓу сметки на друштвото.
Дополнително, не се водела благајничка книга, не постоела соодветна документација за прием и предавање на готовина, а дневниот пазар не можел да се следи и евидентира навремено.
И покрај тоа што во систематизацијата се предвидени благајник и шеф на сметководство, клучните финансиски активности ги извршувало едно лице – директорот на Секторот за финансии и сметководство. Внатрешната ревизија не функционирала, што, според ДЗР, овозможило недозволени и нелегални активности да останат неоткриени.
Ревизорите утврдиле дека биле исплатени 13,9 милиони денари аванси за мали добивки директно од благајна, без користење на пропишаниот Мастер дилер. За најголем дел од овие исплати не постои валидна документација, а во одредени случаи на ист ден биле вршени исплати и преку благајна и преку Мастер дилер, без логично образложение.
Изјави од вработени лица укажуваат дека дел од евидентираните аванси воопшто не биле примени или вратени, што дополнително го засилува сомнежот за злоупотреба на средства.
Со анализа на трговските книги и on-line системите, ревизорите откриле нелогични и неоправдани трансакции од 122,5 милиони денари. Кај инстант лотаријата, неисплатениот фонд на добивки е за 63,3 милиони денари помал од податоците во централниот систем, што ја доведува во прашање можноста за идни исплати и го загрозува интегритетот на институцијата.
Кај наградите во предмети (станови, автомобили, скутери) не постои соодветна сметководствена евиденција, набавките биле вршени пред одобрување на правилата, а трошоци во десетици милиони денари не биле евидентирани.
Во 2024 година, Државна лотарија потрошила 220,8 милиони денари (3,58 милиони евра) за реклама, промоција и маркетинг – десет пати повеќе отколку во 2020 година. Ревизорите утврдиле неправилности од најмалку 73,4 милиони денари, поврзани со недостиг на договорни обврски за мониторинг, непоткрепени фактури и сомнителна оправданост на дел од настаните и емисиите.
Државниот завод за ревизија нагласува дека за сите утврдени неправилности, сомнежи за незаконско работење и ненаменско трошење јавни средства, се известени надлежните органи за понатамошно постапување. Истовремено, дадени се конкретни препораки за отстранување на слабостите и воспоставување функционално финансиско управување и контрола.