2 минути за читање
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски синоќа се обрати на настанот „Здравица за добрите соседи: Еве колку се добри Западните Балканци…“ во Брисел, организиран под покровителство на еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Муцунски истакна дека пристапниот процес не смее да создава нови поделби, ниту да дозволи одредени земји да напредуваат, а други да заостануваат.
– Тоа не мора да се случи во исто време. Знам дека системот не функционира така, но треба да бидеме таму заедно. Ниедна држава во регионот не треба да биде изолирана од полноправно членство во ЕУ и од нас зависи да работиме врз основа на стандарди, врз основа на критериуми и да гледаме кон иднината. Помалку да гледаме кон минатото, а повеќе кон иднината, бидејќи иднината е она што може да нè обедини, истакна Муцунски.
Еврокомесарката Марта Кос рече дека за Западниот Балкан премногу се зборува за политика, а се заборава на луѓето, културата и гостопримството.
„Вие сте Европејци. Вие сте дел од нас. Она што го правиме сега е формалност“, порача Кос, најавувајќи дека по техничкиот дел од преговорите ќе се искачи на највисоката планина во секоја кандидатска земја, вклучувајќи го Кораб во Македонија.
Албанскиот премиер Еди Рама посакувајќи „на здравје“, рече дека Балканот е „слатка болест“ и дека Европејците веќе личат на Балканците.
Настанот чествуваше културно богатство и винска традиција, со штандови од сите земји од регионот освен Србија, која го откажа учеството. Македонскиот штанд беше еден од најбогатите, со вина, ракија, тавче-гравче, сарма, ајвар, пинџур и други специјалитети.