Светската фудбалска федерација (ФИФА) одговори на критиките дека влезниците за претстојното Светско првенство се многу скапи на тој начин што воведе нова ценовна категорија која нуди билет за 60 долари.
Оваа категорија на билети ќе ја има на 104 натпревари од Мундијалот 2026, вклучувајќи го и финалето. Новосоздадената ценовна категорија е за таканаречените навивачки нивоа на трибините. Тие билети ќе бидат доделени на националните федерации за одделни натпревари на кои ќе играат нивните селекции.
Се очекува федерациите тие билети да ги стават на располагање на „најверните навивачи кои се блиску поврзани со својата национална репрезентација“, стои во службената порака од ФИФА.
Оваа одлука на ФИФА за воведување нова категорија на влезници доаѓа по многуте реакции од навивачите дека цените на билетите се многу скапи и недостапни за обичните фанови. Пред донесување на ова решение на ФИФА, цените на билетите се движеа од 120 до 265 долари за мечевите во групна фаза, додека цената за билетите за финалето кое ќе се игра во Њу Џерси се движеше од 4.185 долари до 8.680 долари.