Коалицијата ВЛЕН најави силен настап на претстојните локални избори што ќе се одржат на 11 јануари, со јасна стратегија и поддршка за кандидати кои, како што велат од коалицијата, ја претставуваат волјата на граѓаните.
Во Општина Гостивар, ВЛЕН ќе настапи со реден број 1 на гласачкото ливче, предводена од кандидатот за градоначалник Невзат Бејта. Во Врапчиште, пак, коалицијата ја поддржува независната кандидатура на Зулхајрат Демири, кој се наоѓа под реден број 5.
Од ВЛЕН посочуваат дека симболиката на броевите 1 и 5 е во духот на слоганот „Еден глас“, кој ја отсликува нивната политика заснована на одлуки што произлегуваат директно од граѓаните.
Коалицијата потсетува дека веќе остварила победа во 10 општини, што, според нив, претставува јасен сигнал дека албанските гласачи ја отфрлиле, како што ја нарекуваат, политичката манипулација позната како „референдум“. ВЛЕН оценува дека ова е доказ за промената што ја бараат граѓаните и за слабеењето на политичките структури кои, според нив, денес формално опстојуваат само во Гостивар и Врапчиште.
„11 јануари е датум кога оваа волја повторно ќе се потврди“, порачуваат од коалицијата, повикувајќи ги граѓаните на Гостивар и Врапчиште да се обединат и да гласаат – број 1 во Гостивар и број 5 во Врапчиште – за, како што наведуваат, победа и власт што работи во интерес на народот.