3 минути за читање
Православните христијани во Македонија го одбележуваат празникот Свети Никола, една од најраспространетите семејни слави меѓу Македонците, но и меѓу останатите православни верници.
Свети Никола е роден е во Патара, Ликија, Мала Азија околу 270 година, како единствено дете на неговите родители Теофан и Нина. При неговото крстење го добил името Никола кое во превод значи народен победник. Како дете, со голем восхит пристапувал кон проучувањето на Светото писмо.
Неговите богати родители Теофан и Нина, синот Никола го добиле во време на владеењето на римскиот цар Валеријан (253 – 260 година), алчен човек што поради страста за златото организирал воен поход на Персиското царство.
Никола духовниот живот го стекнал преку неговиот чичко кој исто така бил црковно лице, замонашувајќи се во манастирот Нов Сион. По смртта на своите родители, Никола го продал целиот свој наследен имот и парите од продажбата ги поделил помеѓу сиромасите.
Додека бил свештеник во својот роден крај, се прочул со делата на својата милостиња. Христијаните веруваат дека му се јавил гласот на Господ кој му рекол: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3). Набргу потоа бил избран за архиепископ на градот Мира, денешна Турција.
Тој бил и еден од архиепископите што биле повикани пред царот Константин на саборот во Никеја во 325 година.
Свети Никола умрел на 19 декември 343 година.
Погребан е во соборната црква Мирликијска митрополија, а кон крајот на 11 век неговите мошти се пренесени во Бари, во манастирот Свети Јован Претеча.
Со овој празник се поврзани бројни народни верувања и обичаи, кои, и покрај времето, сè уште се почитуваат во многу домови. Во народната традиција, Свети Никола важи за строг, но исклучително праведен светител. Се верува дека токму на неговиот ден човек треба да внимава на своето однесување и постапки, бидејќи секое непочитување на обичаите може да донесе немир, болест или несреќа во домот.
Според старите верувања, на овој празник треба да се избегнуваат одредени активности. Не се препорачува перење алишта, чистење на домот или извршување тешки домашни работи.