Министерот за спорт, Борко Ристовски во интервју за агенцијата МИА како главни приоритети за 2026 година ги најави подготовката на нов закон за спорт, инвестиции во инфраструктурата и транспарентно финансирање на клубовите.
Преку директни субвенции и нови механизми за поддршка, според него, се создаваат услови за развој на таленти и подобри спортски резултати. Тој вели дека ова е процес што не дава резултати преку ноќ, но првите чекори се видливи, а целта е јасна: повеќе можности за спортистите и трајни вредности за македонскиот спорт.
„За активен период од една година, година и пол на Министерството за спорт, направивме огромни поместувања во сите сегменти на неговото функционирање. Сите сме свесни дека ова беше институција која навистина беше на многу ниско ниво. Институција во која и вработени и раководни лица сè уште се под обвинение. Дали недостига уште многу за да стигнеме до европски стандарди? Да, меѓутоа ова е само почеток и мислам дека од година во година ќе одиме сè повисоко на скалилото на она што значи услуга и давање можност и на спортот и на сите овие луѓе кои што сакаат да се рекреираат и професионално да се занимаваат со спорт“, вели министерот.
Ристовски признава дека повеќе успеси имаме во спортската инфраструктура отколку на терените.
„Со жалење мораме да признаеме дека таа констатација е точна. Резултати во изминатите години, освен поединечни блесоци, немаме, што е поразително за една спортска нација како Македонија. Тоа се должи на системот кој со години функционирал и кој ние сега сакаме да го реформираме. Без инфраструктура не може да барате и да очекувате врвни резултати, и токму тоа е процесот или реформите кои ги започна Министерството за спорт. Мислам дека тоа не е процес кој може да даде резултати преку ноќ, меѓутоа,драгоми е што се забележува и во јавноста дека спортската инфраструктура ги прави првите чекори на промените во спортот или реформите во спортот. Сигурен сум дека за неколку години од сега ќе видиме многу повеќе успеси и во индивидуалните и во колективните спортови, пред сè, затоа што ќе создадеме повеќе услови за да се зголеми квантитетот и да можеме да имаме поголем избор“, вели Ристовски и додава:
„Министерството за спорт не може да креира успеси во спортот. Успесите ги креираат федерациите, клубовите, тренерите. Ние сме тука да направиме услови што е можно подобри за тие луѓе да можат да работат и да создаваат успеси. Не сме креатори на спортските резултати, меѓутоа можеме да ги поддржиме вистинските спортисти, вистинските клубови, да направиме нов закон за спорт, да изградиме спортска инфраструктура која ќе остане како трајна вредност во општеството. Тоа се главните приоритети на ова Министерство, заедно со подигнување на стандардите на неговото функционирање“.
Дел од реформите е и новиот закон за спорт.
„Ќе направиме анализа, се прават веќе компаративни анализи со државите во регионот – како изгледаат нивните закони за спорт – да ќе ги прилагодиме на законите кои се во Република Македонија, за да направиме закон кој пред сè ќе биде во интерес на спортот и неговиот развој. Затоа што ако беше добар Законот за спорт, спортот немаше да стагнира и да не оди напред. Тоа е една од причините, а друг сегмент е финансирањето во спортот. Со новиот закон ќе биде опфатено и тоа. Кога ќе биде готова првата верзија на законот, ќе се направи јавна дебата во која ќе бидат вклучени сите чинители во општеството, за да ги слушнеме нивните предлози и да видиме дали можат да се инкорпорираат во нашите замисли. Јас се надевам дека до крајот на следната година ќе ја имаме нацрт-верзијата, затоа што навистина е сложена материја која бара посветеност, добра анализа, компаративни анализи. Не е само да се направи нов закон за спорт, па потоа повторно да се менува како што е сегашниот закон, кој е менуван повеќе од 50 пати“, изјави министерот.
Последните десетина дена актуелен беше најавуваниот бојкот на кошаркарските екипи кои изразија незадоволство поради недобивањето на финансиска помош од државата, но нема опасност од прекин на првенството.
„Бојкотот кој што беше најавуван од мала група на клубови со нивни лични амбиции и работи кои што сакаат да ги постигнат. Меѓутоа, имавме состанок, јас ги кажав ставовите на Министерството, на Владата, на државата. Не е точно дека субвенциите не се исплатени, тоа е апсолутно невистина. Вистината е дека субвенциите од 440 милиони денари Министерството за спорт ги исплати уште во април. Меѓутоа, сега станува збор за средства кои евентуално требаше да се доисплатат – уште околу 120-140 милиони денари – за да ја заокружиме бројката од 600 милиони денари. Но, никој не го напоменува тоа дека Министерството за прв пат пронајде нов начин за финансирање на клубовите, а тоа е преку игрите на среќа или лотариските игри. До сега тие пари не одеа директно во клубовите, а сега направивме тие средства да одат директно во клубовите. Наместо претходно со ваучери да им даваме на спортските субјекти парче хартија за да одат да го менуваат по компании и фирми, сега обезбедивме директни средства. Тој дел на некои клубови им беше нејасен, но верувам дека сега им се разјасни работата. Не може да се функционира под притисок – барем не во ова време, не со Министерството за спорт, не со оваа Влада, не со мене како министер. Проблемот е решен и сигурен сум дека ќе имаме плодна соработка и работа понатаму“, објаснува министерот.
Во средината на јануари македонските ракометари ќе играат на Европското првенство, а Ристовски како екс ракометен голман и репрезентативец, убеден е дека тимот ќе ја обедини македонската нација.
„Сигурен сум дека ќе ја обединат нашата нација во поддршката. Резултати не можам јас како министер да барам, можам само да посакувам. Тие мои желби ќе ги задржам за себе. Она што е важно е што можам да порачам на сите, не само на ракометарите што настапуваат, а тоа е секој да даде 100 проценти од себе. Тоа е многу поважно од тоа дали ќе направите резултати или не. Резултатите некогаш ќе бидат подобри, некогаш полоши. Генерално, треба секогаш да дадете сè од себе и да се обидете да бидете подобри од вчера. Доколку тоа го направите, секогаш ќе ја имате нашата поддршка“, заклучи министерот Борко Ристовски.