Шкендија загуби минимално со АЕК Ларнака (1-0), но успеа да обезбеди пласман во 1/16-финалето од Конференциската лига. Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири, вели дека клучниот момент се случил во 53-тата минута, кога Љатифи доби директен црвен картон.
„Мислам дека добро ги контролиравме работите до 53-тата минута, кога добивме црвен картон бидејќи во тие моменти планиравме да го освежиме тимот со неколку играчи, а домашната екипа ќе преземеше поголем ризик. Сметам дека игравме против многу квалитетен тим, кој победувал екипи од многу високо ниво во ова натпреварување“, вели Беќири.
Тренерот на Шкендија најави дека приоритет за екипата ќе бидат првенството и Купот на Македонија, а целта е наредното лето повторно да играат во Европа. Успехот е голем, а како што вели и Беќири, најпрво сонуваа да се пласираат во Конференциската лига, а сега сонуваат пласман во осминафиналето.
„Нормално дека тоа се позитивни емоции бидејќи прво сонувавме да влеземе во Конференциската лига, потоа сонувавме да минеме понатаму, а сега кога поминавме, ќе сонуваме да поминеме уште едно коло. Такви сме ние, особено тетовци. Ова е нешто позитивно и верувам дека иако е по натпреварот, емоциите се присутни, но сигурен сум дека Шкендија во овие шест натпревари покажа стабилност и со малку повеќе среќа и искуство мислам дека заслуживме повеќе бодови. Би сакал да им се заблагодарам на сите и да им порачам дека напролет повторно ќе се видиме во Европа, додека за мене главна цел ќе бидат првенството и Купот, а Европа ќе биде луксуз за нас. Тимовите што може да ни се паднат на ждрепката се силни и атрактивни екипи. Ќе биде убава пролет, пролет што ќе ни донесе позитивни работи. Исто така сакам да им се заблагодарам и на оние што постојано критикуваа – верувам дека токму тие се најзаслужни за позитивните резултати на Шкендија. Би побарал да не ги критикуваат фудбалерите, туку сите критики да ги насочат кон мене бидејќи јас сум главниот виновник“, рече тренерот на Шкендија, Јетон Беќири.
Тетовци во 1/16-финалето за противник ќе го имаат полскиот Лех или турскиот Самсунспор, а тоа ќе биде одлучено на 16 јануари, за кога е закажана ждрепката.