Астон Вила ја продолжи одличната форма во Премиер лигата со победа од 2-1 над Манчестер јунајтед на „Вила Парк“ во 17-тото коло. Со ова триумфално издание, тимот на Унаи Емери запиша десетта последовна победа и продолжува да се држи во борбата со Сити и Арсенал, додека Ѓаволите повторно се наоѓаат во пад на формата.
Мечот започна динамично, со Астон Вила во офанзива и Манчестер јунајтед со променлива игра. Најинтересен момент на стартот беше враќањето на Мануел Угарте во првиот тим по речиси три месеци. Во 45-тата минута, Џон Мекгин со извонреден гол донесе водство за домаќините. Сепак, радоста траеше кратко, бидејќи Матеус Куња, погоди за 1-1, резултат со кој заврши првиот дел.
Во второто полувреме, Астон Вила повторно беше поефикасна. Во 60-тата минута, Морган Роџерс го постигна победничкиот гол по асистенција на Оли Воткинс. Манчестер јунајтед имаше неколку шанси, особено преку Матеус Куња, но не успеа да ги искористи. Во второто полувреме Јунајтед остана и без Бруно Фернандеш поради повреда.
Со оваа победа, Астон Вила ја потврди својата конзистентност и останува со амбиции кон врвот на табелата, додека Манчестер јунајтед со 26 бодови е на седмото место.