Израелската влада денеска одобри формирање на 19 нови еврејски населби на окупираниот Западен Брег, соопшти израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич.
Според неговата изјава, меѓу новоодобрените населби се наоѓаат и две кои биле евакуирани во 2005 година, за време на планот за повлекување од палестинските територии. Смотрич, кој доаѓа од крајно десничарските политички кругови, одлуката ја објави на социјалната мрежа Икс (X).
Со оваа одлука, вкупниот број нови населби од почетокот на мандатот на актуелната израелска влада достигнува 69, што претставува драматично зголемување на колонизацијата на Западниот Брег.
Според податоците на израелската организација „Peace Now“, бројот на населби на Западниот Брег е зголемен за речиси 50 отсто во споредба со 2022 година – од 141 населба тогаш, на 210 денес.
Меѓународната заедница и Обединетите нации повеќепати имаат нагласено дека израелските населби на окупираните палестински територии се незаконски според меѓународното право, а нивното проширување претставува сериозна пречка за воспоставување независна палестинска држава.