3 минути за читање
Алсат истакнува: Поранешниот вицепремиер за спроведување на Охридскиот договор Фестим Халили му честиташе на Али Ахмети за мандатот, но побара овој момент да послужи како „момент за длабоко морално размислување“. Тој истакна дека многу интелектуалци се соочиле со „тивки попречувања“, додека поединци без тежина биле унапредени на клучни позиции, особено во Тетово. „Партија, која има за цел да остане релевантна, мора да ги врати меритократијата и заслугите како темелен принцип и да создаде простор за оние, кои се докажале со дела, а не со сервилност.“ – изјави Халили, критикувајќи го недостатокот на одговорност за загубите во четири изборни циклуси.
Валмир Азири, поранешен државен секретар за култура, го опиша конгресот на ДУИ како „претстава со организирани ракоплескања“. Според него, новите членови не се производ на демократијата, туку на внатрешна ротација што се продава како промена. „Довербата не се раѓа од затворени конгреси… Без вистинска одговорност секој конгрес останува уште едно поглавје од истата потрошена приказна.“ – рече Азири.
Поранешниот заменик-директор на УЈП Ремзи Абдулахи, упати остри обвинувања за начинот, на кој беа избрани кандидатите, нарекувајќи го тоа како „затворање на партијата“. „Кога одлуките се донесуваат во затворена канцеларија без ниеден критериум, тогаш се враќаме на менталитетот на комунизмот, каде што еден поединец одлучуваше за сите. Тоа е авторитаризам, маскиран како реформа.“ – нагласи Ремзи Абдулахи.
Поранешната заменик-министерка за образование Линдита Ќазими реагираше многу остро и со лични тонови, поради нејзиното непоканување на Конгресот. Таа упати јавни обвинувања против структурите и предупреди дека ќе зборува со дела, за да ги „декласира“ оние, што ја дале наредбата да биде отфрлена.
Беким Мурати, поранешниот градоначалник на Сарај, ја употреби метафората за куќа, за да ја опише ситуацијата во ДУИ. „Новата фасада не ја спасува куќата од нејзините скапани темели! Овие имиња не беа избрани поради визија, туку заради заштита на старото раководство. Ова не е реформа, туку рециклирање.“ – изјави Мурати.
Претставниците на ДУИ од Скопје изразија разочарување од распределбата на позициите. Поранешниот советник во општина Шуто Оризари Илјаз Лесковица нагласи дека Скопје останало без вистинска тежина во партијата. „Не може да се камуфлира неправдата, што му беше нанесена на Скопјe. Денес мнозинството во Скопјe се во чевлите на Изет Меџити, како што беше пред четири години. Последиците од оваа неправда во Скопјe ќе се видат со текот на времето. Дури ни буквата ‘Р’ не остана од реформите во ДУИ.“ – рече Лесковица.
На вчерашниот конгрес на ДУИ Арбер Адеми беше избран како генерален секретар на партијата, додека Фатон Ахмети, кој претходно ја извршуваше оваа функција, беше избран како потпретседател. Бујар Османи и Арбана Пашоли остануваат потпретседатели, додека Еркан Арифи и Арта Билали-Зендели беа додадени на листата на потпретседатели. Неби Реџепи го замени Блерим Беџети на позицијата организациски секретар. Во централното претседателство на ДУИ беа избрани 18 нови членови. – објави ТВ Алсат.