Напаѓачот на Ливерпул, Александер Исак, има скршеница на ногата и ќе отсуствува неколку месеци. Оваа несреќна вест за Црвените ја објави новинарот Дејвид Орнстин од „Атлетик“. Според него, клубот сè уште чека да се утврди точната сериозност на повредата, но ваквите фрактури обично бараат месеци за целосно закрепнување.
Исак влезе како резерва на почетокот на второто полувреме во натпреварот со Тотенхем и наскоро постигна гол, но во моментот кога го реализира ударот, се здоби со повреда по лизгачкиот старт на Мики ван де Вен. Швеѓанецот го напушти теренот, поддржан од двајца членови на медицинскиот тим и беше заменет со Џереми Фримпонг.
Според „Атлетик“, оваа повреда може да го натера Ливерпул да ангажира нов офанзивен играч во јануари, особено бидејќи и Мохамед Салах моментално е недостапен поради учеството на Африканскиот куп на нациите. Се шпекулира дека Црвените планираат да го донесат Антоан Семењо, кој може да игра на двете крила, но не би бил толку корисен како централен напаѓач.
Со отсуството на Исак, Уго Екитике ќе биде единствениот класичен централен напаѓач на располагање на менаџерот Арне Слот.
Од Ливерпул сè уште нема официјална потврда за точната дијагноза на Исак.