3 минути за читање
„360 степени“: Одбиени баратели за азил?
Муцунски: Ниту одбиени баратели за азил. Ниту ќе бидат во посебни… кажавме дека нема да има посебни центри, па видов опозицијата почна да шири хистерија – „да, нема да бидат во посебни центри, ќе бидат во станови“. Ни тоа нема да го има. Оваа оваа влада нема да склучи никаков пакет, поврзан со мигранти, или со одбиени баратели на азил, ниту преговарала за такво нешто, ниту имала намера да преговара за такво нешто. Се работи целосно лажна вест, која на безобразен, штетен начин, се ширеше од главната опозициска партија во државата.
На новинарска констатација дека појдовната основа за целата дебата, сепак, беше информација објавена во британски медиуми, која гласеше: „балканската држава е во формални разговори со Велика Британија, за да биде домаќин на еден од центрите за враќање“, Муцунски посочува дека тоа не е спорно, но додава дека и покрај тоа што демантирале најповиканите во државата – претседателката, премиерот, министерот за надворешни и министерот за внатрешни работи, опозицијата сè уште ја шири таа паника.
„360 степени“: Зошто првично не одговорила Владата на барањата на британските медиуми?
Муцунски: Тоа јас не знам дали одговорила или не одговорила во комуникацијата, но ние внатрешно се координиравме, заедно со тимот за односи со јавноста во Владата, видовме дека наеднаш добиваме повеќе прашања и без да се чека став од страна на Владата. Се објавуваа повеќе текстови во медиумите во Велика Британија и решивме да го направиме одговорот на системски начин. Односно, собравме информации за сите медиуми коишто поставија вакви прашања и потоа им пуштивме одговор. Имаше и други медиуми коишто во меѓувреме поставија прашање следејќи ги написите во „Тајмс“ и во други медиуми. И потоа откако го добија одговорот од нашата институција, не објавија текст бидејќи сфатија дека очигледно се работи за дезинформација и за лажна вест. И мислам дека и тоа беше дел од наративот на опозицијата во државата. Сега тоа не можеме да го негираме. Се фаќаа за секое зборче, обидувајќи се да најдат дупка низ зборчето, за да најдат некој начин да ја потврдат тезата. И најдобриот одговор веројатно им го даде премиерот Мицкоски – ќе помине време.
Шефот на македонската дипломатија ја отфрла можноста некој внатре во Владата да испратил макар полусигнал до британските власти дека се подготвени на разговор на таа тема.
„Апсолутно е јасно кој во Владата има и кој во оваа држава има надлежност да дискутира по ова прашање. За тоа не треба да има никаква дилема. А нема потреба да се проверуваме, по мене, во рамките на Владата. Сите коишто сме учествувале во овој договорен аранжман со Обединетото Кралство, добро знаеме што сме дискутирале, добро знаеме кои биле темите коишто ние сме ги покривале во целокупниот овој договорен аранжман, и стратешкото партнерство и договорот ’влада со влада’. Во договорниот аранжман, којшто опфаќа два договори – Декларацијата за стратешко партнерство и договорот ’влада со влада’ – и двата документи се јавни, можете и вие да пристапите до нив, никаде нема спомнување на темата за прифаќање мигранти или прифаќање нелегални баратели на азил“, додава Муцунски – објави „360 степени“ на Првата програма на МТВ.