Таткото и синот Саџид и Навид Акрам, кои минатата недела го извршија најсмртоносниот терористички напад на плажата Бонди во Сиднеј, детално го планирале нападот со месеци, покажуваат судски документи.
Пред пукањето, двајцата фрлиле и четири бомби кои не експлодирале, а петтата бомба била пронајдена во багажникот на нивниот автомобил. Една од нив имала големина на тениско топче.
Судските документи содржат и видеа на кои се гледаат Акрамите со пушки, движејќи се како да се подготвуваат за тактичка акција. Во други снимки, тие позирале пред знамето на „Исламската држава“, изнесувајќи ставови кои укажуваат на „религиозно мотивирана насилна екстремистичка идеологија“.
Во едно од видеата, двајцата ја оправдуваат својата акција преку критики кон „дејствата на ционистите“. Полицијата наведува дека посетата на плажата Бонди два дена пред нападот претставува извидување и финално планирање на терористичкиот чин.
По нападот, полицијата извршила претрес на нивното престојувалиште, при што пронајдени се два мобилни телефона, рачно изработено огнено оружје, лак со 12 стрели и Куран со обележани пасуси.
Навид Акрам, кој бил застрелан во стомакот, одбил да даде формална изјава од болничкиот кревет. Неговото појавување пред суд е закажано за април 2026 година.
Во нападот на плажата Бонди загинаа 16 лица, вклучувајќи еден од напаѓачите, а околу 40 беа повредени. Синот е роден во Австралија и бил испрашуван од полицијата пред повеќе од пет години за врски со локална терористичка ќелија на „Исламска држава“. Таткото Саџид, пак, пристигнал во Австралија во 1998 година и бил член на стрелачки клуб со дозвола за рекреативно огнено оружје.