Откако вчера УО на ФФМ го именува Гоце Седлоски за нов селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, денеска следуваше официјалната промоција.
Седлоски како поранешен фудбалер, стана првиот кој запиша 100 настапи во националниот трим на Македонија, за која постигна 8 голови.
Тој доаѓа на местото на Благоја Милевски кој уште еднаш го одведе националниот состав до бараж за Светското првенство 2026. Задачата на Седлоски нема да биде ни малку лесна, па доколку Седлоски и неговите избраници напролет сакаат да испишат нова историја ќе мора да ги добијат двата бараж дуели. Првиот полуфинален е на 26 март против Данска, а последната пречка ќе биде победникот од дуелот Чешка – Р.Ирска во финалниот меч на 31 март.
„ Ова е голема чест, но пред се одговорност за мене. Очекувам дека сите ќе се посветиме максимално во подигнувањето на квалитетот на репрезентацијата.
Од играчите, очекувам и ќе барам, на секој натпревар и до последна секунда да се борат за светиот дрес на Македонија и да дадат повеќе од нивните можности “, изјави Седлоски на својата селекторска промоција.
На промоцијата на новиот селектор, обраќање имаа и претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, како и директорот на националните репрезентации, Горан Пандев.
„ Нашето мислење беше дека на репрезентацијата и е потребна нова енергија. Затоа очекуваме дека со оваа промена ќе внесеме новитет и ќе ја искористиме шансата преку баражот да се пласираме на Мундијалот “, изјави претседателот Омерагиќ.
И најдобриот македонски стрелец Пандев посака успех на Седлоски во раководењето со репрезентацијата.
,,Гоце го знам долги години како фудбалер, соиграч, тренер и човек. Верувам во неговите квалитети и верувам дека со многу работа ќе направи голем успех “, истакна Пандев.
Во својата тренерска кариера, Гоце Седлоски работеше како асистент и в.д. селектор на Македонија. На клупско ниво ги предводеше Хоризонт Турново, Вардар, Рига (Летонија), Широки Бријег (Босна и Херцеговина), вториот тим на Динамо Загреб (Хрватска), Шкупи, Влазниа (Албанија) и Работнички.
Во досегашната тренерска кариера, Седлоски освои три шампионски титули, со ФК Вардар во сезоните 2015/16 и 2016/17, со ФК Шкупи во сезоната 2021/22, како и Куп титула со ФК Вардар во сезоната 2024/25.
