Македонскиот фудбал денеска тагува по заминувањето на Васил Рингов, една од најзначајните личности што ги имал нашиот спорт. Легендата на македонскиот фудбал почина по кратко боледување, оставајќи зад себе богато наследство, на 70-годишна возраст.
Испраќањето на Васил Рингов ќе се одржи утре, 24 декември, од 13 часот, на гробиштата во скопската населба Ѓорче Петров.
Рингов ќе остане вечно запишан како еден од симболите на најславниот период на Вардар, со кој ја освои шампионската круна во поранешна Југославија во 1987 година. Роден во Струмица во 1955 година, фудбалскиот пат го започна во Беласица, а потоа настапуваше за Партизан, Тетекс и Вардар – клубот во кој го достигна врвот и остави неизбришлива трага.
Носејќи го дресот на Црвено-црните од Скопје, одигра над 200 првенствени натпревари и реализира 93 погодоци, со што се вброи меѓу најголемите легенди во историјата на клубот. Дел од кариерата ја мина и во Динамо Загреб, како и во германскиот Ајнтрахт Брауншвајг.
Со неговото заминување, македонскиот фудбал загуби вистинска икона, чие име ќе остане длабоко врежано во спортската меморија.