1 минута за читање
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денес објави дека од рано утро (во 05:00 часот) е во тек акција за рушење на нова дивоградба во општината.
Објектот се градел бесправно и во моментот на интервенцијата бил во приземје (карабина фаза). И покрај претходно издадено решение од градежниот инспектор за стопирање на градбата и затворање на градилиштето, сопственикот продолжил со активности, директно прекршувајќи го законот.
Акцијата е спроведена во координација со МВР и фирма задолжена за рушење. Дополнително, на истата локација се спречени изградби на уште два објекти во почетна фаза (ископани темели).
„Во рок од само 7 дена, ова е втора акција за рушење на дивоградба! Апелирам до сите граѓани: почитувајте го Законот и не започнувајте со градење без соодветно Одобрение од општината. Компромис со почитување на Законот ниту сум правел, ниту ќе правам“ – порача Стефковски.
Оваа акција се вклопува во континуираната борба на Општина Гази Баба против бесправната градба, по претходни слични интервенции во декември 2025 година.