Судскиот совет на Окружниот суд во Загреб го осуди сега 20 годишникот на 50 години затвор за тешко убиство на дете со нож во загрепското основно училиште „Пречко“ во декември минатата година, четири тешки обиди за убиства и 50 кривични дела кршење на правата на детето.
Објавувањето на неправосилната пресуда беше затворено за јавноста, а претседателката на судскиот совет прво ја соопштила пресудата на обвинетиот, неговата одбрана, обвинителите и семејствата на жртвите, а дури потоа на новинарите, пренесува агенцијата Hina.
Вистинскиот мотив за нападот сè уште не е откриен, а можеби никогаш нема да биде откриен. Сепак, за време на истрагата, полицијата извлече податоци од компјутерот на обвинетиот што може да укажуваат дека тој долго време размислувал за напади врз училишта.
Обвинението поднесено од Државното обвинителство на Загреб го товари 20-годишникот дека „дошол во основното училиште во Загреб за време на училишното време на 20-ти декември минатата година, со однапред осмислена намера да ги одземе животите на децата и училишниот персонал, и знаејќи дека децата се на помала возраст кои не биле во можност физички да му се спротивстават“.
Според обвинението поднесено на почетокот на јули оваа година, тој влегол во училишните простории каде што со нож ги нападнал наставникот и децата. За време на нападот, едно дете беше убиено, додека наставникот и три деца претрпеа тешки телесни повреди.
Обвинителството претходно објави дека обвинетиот физички ги нападнал и повредил децата и наставникот пред околу десетина ученици во основното училиште.
Во обвинението, Загрепското окружно обвинителство предложило продолжување на притворот на обвинетиот, чија возраст не била наведена, поради ризик од рецидивизам и бидејќи притворот е неопходен за непречено водење на постапката за кривично дело казниво со долгогодишен затвор и во кое околностите на извршување на кривичното дело се особено сериозни.
Станува збор за поранешен ученик на основното училиште „Пречко“, кој по нападот со нож, избегал во блискиот здравствен центар каде што се обидел да се самоубие.
Поради оваа трагедија, следниот ден беше прогласен ден на жалост низ цела Хрватска, а министерот за образование Радован Фукс најавил задолжително заклучување на училиштата.