„Куќата на фудбалот“ денеска беше претесна за да ги прими сите прашања по бурната есен на македонската репрезентација. Првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ, на новогодишната средба со медиумите, не штедеше зборови – од признанието дека Милевски бил на чекор до нов договор, па сè до најавата за инфраструктурна револуција.
„Милевски беше на чекор до потпис, но 7-1 урна сè!“
Најголемо внимание привлече искреноста на Омерагиќ за разделбата со Благоја Милевски. Иако јавноста шпекулираше дека смената се подготвувала одамна, претседателот откри дека реалноста била поинаква.
„Да бидеме начисто, ние сериозно разговаравме за нов договор со Боби. Човекот работеше 10 години со тие момци, ги познаваше како свои деца. Но, кога ќе ви се случи Кардиф, кога ќе примите седум гола, работите веќе не се исти. Едноставно почувствувавме дека таа ‘емотивна врска’ меѓу него и играчите дојде до својот крај. Моравме да пресечеме за доброто на Македонија“, изјави Омерагиќ.
Седлоски како „шок-терапија“: Кој не верува, нека не се качува во авионот за Копенхаген!
За новиот предводник, Гоце Седлоски, Омерагиќ беше краток и јасен – бараше авторитет кој нема да отстапи ниту милиметар пред предизвикот наречен Данска во баражот за СП.
„Гоце е капитен, лидер, рекордер. Ни требаше таа негова дрскост и победнички менталитет. Му реков и нему, им велам и на играчите: Ако некој не верува дека можеме да ја елиминираме Данска во гости, подобро воопшто нека не се качува во авионот! Ни требаат луѓе кои веруваат во невозможни нешта“.

Крај за трибините без публика – приоритет се терените!
Омерагиќ ја претстави и новата инфраструктурна агенда која ќе ги израдува клубовите од домашната лига. За него, веќе нема место за „шминкање“ на стадионите со нови столчиња додека фудбалот се игра во кал.
„Доста инвестиравме во празни форми. Што ни вреди нова трибина ако теренот е нива? Мојата визија е јасна – хибридни терени за Првата лига, модерно осветлување и услови каде што топката навистина ќе се движи. Сакаме мали, но врвни стадиони. Навивачот ќе се врати кога ќе види добар фудбал на добар терен, а не кога ќе види бетон“.
„ФФМ не е банка, туку партнер на децата“
Ексклузивно беше најавено и дека ФФМ ќе започне проект за бесплатна опрема за сите млади категории, но со строг услов.
„Ќе делиме опрема на клубовите, но со еден потпис: таа опрема мора да стигне до децата бесплатно! Не сакам да слушам дека некој родител плаќал за дрес што го донирала федерацијата. Фудбалот мора да биде достапен за секое дете, без разлика на социјалниот статус“.
Погледнете го целото интервју тука: