Некогаш (не така одамна) беа заедно еден крај друг, делејќи меѓусебни суперлативи, но денеска се распукаа со „отровни стрели“.
Поранешниот селектори Игор Ангеловски и поранешниот капитен Горан Пандев со свои коментари по инаугурацијата на Гоце Седлоски за предводник на Македонија.
Ангеловски беше меѓу споменуваните кандидати за наследник на Благоја Милевски, но ФФМ функцијата му ја додели на Гоце Седлоски.
Популарниот „Мрме“ на својот Фејсбук профил напиша:
„Селекторот Гоце Седловски ни риба ни девојка!
Несериозен пристап на раководството на ФФМ заедно со УО најпрво со селекторот Благоја Милевски, а сега и со изборот на новиот селектор Гоце Седловски за клучните натпревари за пласман на Светско првенство кој претставува НАЦИОНАЛНО ПРАШАЊЕ!
Комисија или одлука на УО на ФФМ сеедно е!
При избор на селектор треба да се има сериозен пристап. Таа функција не трпи пресметки како за избор на гувернер на национална банка на една држава каде се „регулираат парите во оптек”Вие не правите разлика, важно е само личните интереси да Ви бидат задоволени. Ваков скандал колеги „мои” кои сте во комисијата и сакате да се амнестирате Ве молам да не ми се јавувате! Одважете се и излезете јавно! Сите сте докажани, реализирани фудбалски професионалци! Зошто дозволувате да бидете пандан зад кој се кријат „фудбалски стаорци”?
После се што слушнав на денешниот семинар за тренери носители на про-лиценца кој се одржуваше во исто време кога беше промоција на новиот селектор во хотелот „Хилтон“ и тоа од моите колеги кои беа во огромен број е причината да излезам јавно и да го изнесам мојот став.
Ако еден зборува тогаш или е до него или е до тебе. Ако двајца или повеќе зборуваат тогаш г. Омерагиќ треба да се замислиш.
Mакедонскиот фудбал ова не го заслужува!
Игор Ангеловски – поранешен селектор на Македонската Фудбалска Федерација кој заедно со целиот стручен штаб, играчите, техничкиот и медицинскиот персонал го постигна најголемиот историски успех во македонскиот фудбал – ПЛАСМАН НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО“, напиша поранешниот селектор Ангеловски.
Иако лично не беше прозван, но во одбрана на одлуката на ФФМ, прв застана Горан Пандев кој сега е директор на националните селекции.
Пандев возврати на својот Инстаграм профил:
„Се јави големиот селектор, големиот ‘патриот’. Не дочека ни 6 часа да почне да плука. Замислениот Наполеон. Експертот кој во последните години во ниеден клуб не се задржа повеќе од 2-3 месеци.
Шарлатан кој секогаш се става во прв план. Ајде со мене во пензија, доста ти беше, помина времето на шуто и рогато во ФФМ,“ напиша Пандев.
Реакциите на јавноста која има поделени мислења имаа на двата коментари. Но, се чини дека и двајцата заборавија дека едно време беа најдобри другарчиња, особено по именувањето на Милевски на селекторското место.
Дека допрва ќе има вакви и слични реакции, јасно му беше денеска на промоцијата и на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, кој децидно го искажа тоа. Омерагиќ рече дека во ФФМ остануваат на ставот дека Седлоски е најдоброто решение во моментов.
Логично се поставува прашањето, Омерагиќ, Седлоски или некој „трет“ е причината да „пукне љубовта“ меѓу Пандев и Ангеловски!?
Јавноста едвај чека да види кој ќе биде новата „репрезентативна 9-ка“ или пак 10-ка која своевремено ја носеше и Пандев. Многумина веќе го знаат одговорот (погоди ги иницијалите). Што би рекол претседателот „времето ќе покаже“.

