4 минути за читање
Граѓани и активисти денеска одржаа протест на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ во Скопје, на околу пет километри од центарот на градот, барајќи дислокација на цементарницата „Усје“ надвор од урбаното подрачје. Протестот беше организиран од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, која обвинува дека фабриката континуирано го загадува воздухот во главниот град. Група граѓани организираа предупредувачка блокада на една од најфреквентните сообраќајници во Скопје, барајќи итни и конкретни мерки за чист воздух.

Според организаторите, во изминатиот период било истражувано работењето на цементарницата, при што, како што наведоа, станува збор за интернационална компанија со слични проблеми и во други земји. Петар Керамитчиев од „Стоп за Усје“ изјави дека, според нивните сознанија, странскиот капитал и раководството на компанијата наоѓаат „легални начини“ да го оправдаат загадувањето, што, според него, директно го загрозува здравјето на граѓаните и децата.

Од иницијативата порачаа дека денешниот протест е предупредување до властите и дека по празниците ќе следуваат нови протести и можни блокади на сообраќајот, доколку не се преземат конкретни мерки против, како што велат, големите загадувачи.

Неколку часа пред протестот, од „Титан Усје“ соопштија дека работењето на цементарницата е под постојан надзор на Државниот инспекторат за животна средина. Од компанијата информираа дека последниот инспекциски увид бил извршен на 18 декември, како и ненајавена контрола на 18 ноември, при што во двата случаи било утврдено дека нема отстапувања од законски дозволените лимити.
Од „Усје“ нагласуваат дека фабриката располага со високо ефикасен и комплексен систем на филтрирање, со околу 2.000 филтер-вреќи по филтер, кои ја задржуваат прашината и ја враќаат во производниот процес. Компанијата категорично ги отфрла тврдењата дека филтрите се исклучуваат, посочувајќи дека тие се неразделен дел од производната линија.

Според „Титан Усје“, податоците од мерењата покажуваат дека нема директна поврзаност меѓу работењето на цементарницата и загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје. Како аргумент наведуваат дека во зимските месеци, кога загадувањето е најголемо, печките често не работат поради редовни ремонти, додека во лето, кога работат со полн капацитет, квалитетот на воздухот е најдобар.
Компанијата поседува А-интегрирана еколошка дозвола и врши 24-часовен мониторинг на издувните гасови со опрема од германски производител, а, како што тврдат, сите мерења покажуваат дека емисиите се под законски дозволените гранични вредности, што било потврдено и од независни лаборатории.
Иако многу пати сме ги изнеле фактите, во интерес на јавноста ќе потсетиме дека:
- Споредбените податоци јасно и недвосмислено укажуваат дека лошиот квалитет на амбиенталниот воздух во Скопје нема корелација со работата на компанијата.Имено, во дел од зимските месеци, кога амбиенталниот воздух во градот е со најлош квалитет, компанијата ги врши редовните годишни ремонти на печките и тие се исклучени. Обратно, во летните месеци, кога печките работат со полн капацитет, амбиенталниот воздух во градот е со најмало загадување. Резултатите од мерењата го потврдуваат овој факт.
- Сите досегашни јавно достапни научни истражувања и студии покажуваат дека индустријата не е меѓу главните причинители на лошиот квалитет на амбиенталниот воздух во Скопје. Потврда на тоа е и фактот дека загаденоста во овој период е голема и во други градови во земјата, каде што нема индустрија.
- ТИТАН Усје поседува А – Интегрирана еколошка дозволаиздадена од Министерството за животна средина и просторно планирање. Согласно оваа дозвола, УСЈЕ има обврска даврши 24-часовен мониторинг на издувните гасови, согласно европските стандарди кои се транспонирани во националното законодавство.За таа цел, на сите точки кои се точно утврдени од надлежните институции, имаме инсталирано систем за мерење одгерманскиот производителSICK, кој е редовно калибриран и контролиран од овластени независни надворешни компании. Сите мерења континуирано покажуваат дека не се надминуваат законски определените Гранични Вредности на Емисии (ГВЕ), а кај дел, вредностите се неколкукратно пониски од законски дозволените лимити – на пример, кај вкупната прашина најчесто три до пет пати, а кај SO2 и неколку десетици пати пониски од дозволените.
- На истите емисиони точки се прават и дополнителни контролни мерења што ги вршат независни лаборатории, а резултатите од овие мерења исто така потврдуваат деканема отстапки од законски дозволените лимити.
- ТИТАН Усје е современ индустриски капацитетсо високо ефикасен, комплексен систем на филтрирање, каде во секој филтер има по 2000 вреќи кои ја запираат прашината, која потоа се враќа во производниот процес и станува составен дел од финалниот производ.
- Целосно се неточни тврдењата дека компанијата ги исклучува филтрите. Филтрите се неразделив дел од производната линија,односно кога работат печките, задолжително работат и филтрите.
ТИТАН Усје ќе продолжи да работи согласно законските норми, со одговорен и транспарентен однос кон сите засегнати страни. Сите заинтересирани приватни и правни лица можат да дојдат и да ја посетат компанијата, но и да побараат дополнителни информации за нашата работа, технологија и мерките што се користат за да се обезбеди ефикасна заштита на животната средина.