Државните институции можат да бидат ефикасни и во служба на граѓаните кога се водат со одговорност и професионализам. Царинската управа на Република Северна Македонија бележи конкретни и мерливи резултати, со над 100 милиони евра приходи во буџетот, засилена борба против шверцот и јасни чекори кон усогласување со европските стандарди, соопштија од ВЛЕН.
Според ВЛЕН, овие резултати се постигнати благодарение на посветената работа во рамки на актуелното раководство и конкретниот ангажман на заменик-директорот на Царинската управа, Мустафа Даути, при што институциите повторно се ставаат во функција на државата и граѓаните.
Во текот на изминатата година биле потпишани значајни меморандуми за соработка со домашни и меѓународни институции од Бугарија, Турција, Косово и Србија. Дополнително, имплементиран е концептот „One Stop Shop“ на клучни гранични премини, со што е олеснето движењето на граѓаните и унапредена легалната трговија.
Од ВЛЕН потенцираат дека се реализирани и 21 ново вработување на Албанци во Царината, што го оценуваат како важен чекор кон правична застапеност и реална еднаквост во институциите.
„Овие резултати покажуваат дека кога институциите се водат со визија, интегритет и професионализам, државата добива, граѓаните добиваат, а правдата се зацврстува“, наведуваат од ВЛЕН.
Од коалицијата додаваат дека нивниот ангажман продолжува со цел градење модерни, чесни и целосно европски усогласени царини, со уште подобри резултати во наредниот период.