Додека повеќето спортови и лиги се во мирување за католички Божик, НБА лигата и оваа година го нуди Божикниот маратон и годинава со пет натпревари. Во првите два натпревара, Њујорк Никс го победија Кливленд со 126:124, додека Сан Антонио Спарс беа подобри од шампионот Оклахома Сити Тандер со 117:102 на гостински терен.
Традицијата започна во 1947 година, а од 2008 година на Божик се играат пет последователни натпревари, распоредени од доцна попладнето до рано наутро по европско време.
Програмата ја отворија Никс и Кавс, а пред 19.812 гледачи во „Медисон Сквер Гарден“, домаќините славеа со победа третпат по ред на Божик. На влезот во последната четвртина гостите водеа со дури 17 поени разлика (103:86), но Никс направија голем пресврт. Три ипол минути пред крајот домашните израмнија на 113:113. Кавс побегнаа до +4 (117:113), а Њујорк влезе во серија од 5:0 за да поведе со 118:117. Во последната минута Никс влегоа со +2, а 27 секунди пред крајот Карл-Ентони Таунс го зголеми резултатот на 123:119. До крајот на натпреварот, Њујорк ја одбрани предноста за 21-та победа во сезоната со девет порази, додека Кливленд има скор од 17-15.
Никс до победата ги предводеа Џејлен Брансон со 34 поени и Џордан Кларксон со 25 поени. Тајлер Колек беше одличен, особено во последната четвртина, со 16 поени и девет асистенции. На спротивната страна, Донован Мичел беше најефикасен со 34 поени, седум скока и шест асистенции, додека Дариус Гарланд додаде 20 поени и 10 асистенции.
Во натпреварот меѓу актуелните шампиони на НБА, Оклахома Сити Тандер и Сан Антонио Спарс, гостите победија со 117:102. Ова беше трета победа по ред на Спарс против Оклахома, кои имаат изгубено само пет натпревари оваа сезона.
Домашниот тим го отвори натпреварот подобро и водеше поголемиот дел од првата четвртина. Спарс сепак ја добија првата четвртина со 41:36. Гостите имаа +9 на полувремето, а на крајот од третата четвртина голема разлика од +16 (95:79). Во последната делница, Сан Антонио успеа да зачува големо водство.
Де’Арон Фокс со 29 поени, Виктор Вембањама со 19 поени и 11 скока и Стефон Касл со 19 поени и седум асистенции беа најефикасни во победничкиот тим. Шаи Гилџус-Александар беше најефикасен кај домашните со 22 поени и шест скока, но беше „невидлив“ во второто полувреме. Исаија Хартенштајн додаде 13 поени и 12 скока.
Оклахома е лидер на Западот со 26 победи и пет порази, додека Сан Антонио е втор со 23-7.
На теренот ќе играат и Голден Стејт Вориорс против Далас Маверикс, ЛА Лејкерс против Хјустон Рокетс и Денвер Нагетс против Минесота Тимбервулвс.
Лос Анџелес Лејкерс го претрпеа третиот последователен пораз сезонава, губејќи од Хјустон Рокетс со 96:119 пред своите навивачи. Тимот од Тексас доминираше од првата до последната минута во „Crypto.com Arena“. Најефикасни играчи беа Амен Томпсон со 26 поени и Кевин Дјурант со 25 поени и девет асистенции, а вкупно шест играчи достигнаа двоцифрен број поени.
На Лејкерс не им помогна враќањето на Лука Дончиќ, кој се врати по отсуство од два натпревари и постигна 25 поени. Леброн Џејмс имаше 18 поени, пет асистенции и два скока за Лејкерси, додека Остин Ривс, кој играше само во првото полувреме, а потоа го пропушти натпреварот поради повреда на тетивата, додаде 12 поени.
Стратегот на Лејкерс, ЏејЏеј Редик, беше исклучително незадоволен од денешниот настап на својот тим.
„Потребни се труд и перформанси за победа. Ние сме добар тим само кога ги имаме обете тие компоненти и ги извршуваме на високо ниво, а кога ги немаме, ние сме ужасен тим. А денес бевме поразени од самиот почеток на натпреварот“, рече Редик по натпреварот.
Лос Анџелес Лејкерс досега остварија 19 победи и претрпеа десет порази и се наоѓаат на петтото место во Западната конференција.
Голден Стејт Вориорс беа подобри од Далас Маверикс со 126:116 на домашен терен. И покрај слабиот шут (6-18 од поле, вклучувајќи 2-10 за тројки), Стефен Кари постигна 23 поени за Вориорс, додека 19-годишниот Купер Флег придонесе со 27 поени за Мавс.
Натпреварот Денвер Нагетс – Минесота Тимбервулвс го доби својот епилог дури по продолжението, а на крајот домашниот тим победи со 142:138. Никола Јокиќ блескаше со неверојатен учинок од 56 коша, 16 скокови и 15 асистенции за неговиот 15-ти „трипл дабл“ оваа сезона. Воедно Јокиќ стана првиот играч во историјата на НБА со учинок од 55+ кошеви, 15+ асистенции и 15+ скокови.
Освен тоа Јокиќ имаше процент на шут од над 70 отсто и со неговата тројка Денвер се врати во продолжението кога губеа девет поени разлика. Денвер играше без тројца повредени стартери па целиот товар падна врз Јокиќ и Џамал Мари постигна 35 коша и 10 асистенции.
Кај Минесота Ентони Едвардс постигна 44 коша но во продолжението мораше да го напушти натпреварот поради две тејнички лични грешки, а Џулиус Рендл постигна 32 коша со седум асистенции.
РЕЗУЛТАТИ
Њујорк Никс – Кливленд Кавалирс 126:124
Оклахома Сити Тандер – Сан Антонио Спарс 102:117
Голден Стејт Вориорс – Далас Маверикс 126:116
Лос Анџелес Лејкерс – Хјустон Рокетс 96:119
Денвер Нагетс – Минесота Тимбервулвс 142:138 (продолжение)
ТАБЕЛИ
Источна конференција
Детроит Пистонс 24 6 80.0
Њујорк Никс 21 9 70.0
Бостон Селтикс 18 11 62.1
Торонто Репторс 18 13 58.1
Филаделфија 76ерс 16 12 57.1
Орландо Меџик 17 13 56.7
Кливленд Кавалирс 17 15 53.1
Мајами Хит 15 15 50.0
Атланта Хокс 15 16 48.4
Чикаго Булс 14 15 48.3
Милвоки Бакс 12 18 40.0
Шарлот Хорнетс 10 20 33.3
Бруклин Нетс 9 19 32.1
Индијана Пејсерс 6 24 20.0
Вашингтон Визардс 5 23 17.9
Западна конференција
Оклахома Сити Тандер 26 5 83.9
Сан Антонио Спарс 23 7 76.7
Денвер Нагетс 22 8 73.3
Лос Анџелес Лејкерс 19 10 65.5
Минесота Тимбервулвс 20 11 64.5
Хјустон Рокетс 18 10 64.3
Финикс Санс 16 13 55.2
Голден Стејт Вориорс 16 15 51.6
Мемфис Гризлис 14 16 46.7
Портланд Треил Блејзерс 12 18 40.0
Далас Маверикс 12 20 37.5
Јута Џез 10 19 34.5
ЛА Клиперс 8 21 27.6
Њу Орлеанс Пеликанс 8 23 25.8
Сакраменто Кингс 7 23 23.3