Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во петокот дека американскиот воен напад насочен кон милитантите на Исламската држава во Нигерија првично бил закажан да се случи во средата, но наредил да се одложи за еден ден.
„Требаше да го направат тоа порано. А јас реков: ‘Не, ајде да им дадеме божикен подарок’… Тие не мислеа дека ќе се случи, но ние ги погодивме силно. Секој камп беше десеткуван“, рече Трамп во интервју за Politicо.
Во четвртокот Трамп објави дека САД извршиле воздушни напади врз милитантите на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава во северозападна Нигерија, поради наводите за напади на групата врз христијаните во регионот.
„Вечерва, по моја директива како врховен командант, САД започнаа моќен и смртоносен удар против терористичката ограбка на ИСИС во северозападна Нигерија, која ги таргетира и брутално убива, првенствено невини христијани, на нивоа невидени со години, дури и векови!“, напиша Трамп во објава на платформата Truth Social во четвртокот.
Командата на американската војска за Африка соопшти дека нападот бил извршен на барање на нигериските власти и дека биле убиени повеќе милитанти на Исламската држава.