Јута џез направи изненадување во НБА лигата, откако на свој терен славеше против фаворизираниот Детроит и тоа со 131:129, во еден од деветте натпревари кои ноќеска се играа во најсилната кошаркарска лига во светот.
Јута која е на 12 место на Западната конференција, покажа дека може да парира дури и на најдобриот тим на Истокот. Детроит во втората четвртина водеше и со 11 разлика (54:43), но домаќините не само што не се предадоа, туку направија комплетен пресврт, па во третата четвртина Џезерите имаа предност од 104:89. На крајот сепак имаше драматична завршница.
При резултат 129:129, Јута го искористи нападот за победа, кога погоди Кејанте Џорџ (прв стрелец со 31 поени, седум скока и осум асистенции). Одличен кај Јута беше и Јусуф Нуркиќ со 16 поени, 11 скокови и пет асистенции.
Резултати: Атланта – Мајами 111:126, Индијана – Бостон 122:140, Орландо – Шарлот 105:120, Вашингтон – Торонто 138:117, Чикаго – Филаделфија 109:102, Мемфис – Милвоки 125:104, Њу Орлеанс – Феникс 108:115, Јута – Детроит 131:129, Портланд – ЛА клиперс 103:119.