Напаѓачот на репрезентацијата на Франција и францускиот и еропски шампион ПСЖ, Усман Дембеле, ги освои наградите Globe Soccer Awards за играч на годината на церемонијата одржана во хотелот „Atlantis The Royal“во Дубаи.
Наградите Globe Soccer Awards се заеднички организирани од Европската асоцијација на фудбалски агенти (ЕFАА) и Европската асоцијација на клубови (ЕКА), а се доделуваат од 2010 година.
Оваа година, европскиот и француски шампион ПСЖ доминираше, освојувајќи шест награди.
Дембеле беше јасен фаворит за наградата „Играч на годината“, пред Килијан Мбапе, Рафиња, Витиња и Ламин Јамал.
„Кога работите не одат по ваш избор, мора да работите напорно, и тоа е она што го направивме“, рече Дембеле, заблагодарувајќи им се на своето семејство и колегите, трогнат од неговото досегашно патување.
Наградата за играч од средниот ред на годината му припадна на Португалецот од ПСЖ, Витиња, додека неговиот француски соиграч Дезир Дуе ја освои наградата „Ѕвезда во подем“.
Наградата за најдобар тренер му припадна на главниот тренер на ПСЖ, Луис Енрике. ПСЖ е најдобриот клуб, а наградата за најдобар спортски директор му припаѓа на Луис Кампос од „Паркот на принцовите“.
„Оваа награда е најважна, бидејќи клубот е најважната работа. Индивидуалните награди се убави, но без трофеи за клубот тие се ништо. Секогаш се зборуваше за ѕвезди, сега имаме поинаква филозофија и поинаква генерација. Тие се неверојатни, но и ѕвездите помогнаа. Сите тимови против кои игравме нè поттикнаа да бидеме подобри“, рече првиот човек на парискиот клуб Насер Ал-Келаи.
Најдобар напаѓач е младиот Шпанец Ламине Јамал, член на Барселона, додека наградата за најдобар играч на Блискиот исток му припадна на Португалецот Кристијано Роналдо, член на саудискиот Ал Наср. Португалецот Жорже Мендеш е најдобар спортски агент.
Французинот Пол Погба ја доби наградата за надминување на неволјите во неговата спортска кариера, додека наградата за животно дело му припадна на Шпанецот Андрес Иниеста.
„Задоволство е да го добијам овој трофеј во толку посебен момент. Многу сум горд на она што го правев толку години, за мене најважно е почитта од навивачите. Фудбалот е моја страст и многу сум среќен што бев играч толку години“, рече Иниеста.
Во женска конкуренција победи играчот од средниот ред на Барселона, Шпанката Аитана Бонмати, а најдобар женски клуб е Барселона.