2 минути за читање
Филмска актерка, модел, пејачка, секс симбол на 1950-тите и 1960-тите, Бардо се повлече од забавната индустрија засекогаш пред да наполни 40 години во 1973 година.
Дури и одби да го прифати орденот на Легијата на честа што ѝ беше доделен во 1980-тите.
Во подоцнежниот живот, таа се појави само како страствен застапник на животните, објавија агенцијата Франс-прес и весникот „Ле Фигаро“
„Фондацијата Брижит Бардо со голема тага ја објавува смртта на нејзината основачка и претседателка, Брижит Бардо, светски позната актерка и пејачка која одлучи да се откаже од својата престижна кариера за да го посвети својот живот и енергија на заштитата на животните и на својата фондација“, се вели во соопштението испратено до АФП, без да се наведе датумот или местото на смртта.
Брижит беше родена на 28 септември 1934 година во Париз. На 15-годишна возраст, таа се појави на насловната страница на популарното модно списание „Ел“ и беше забележана од филмскиот режисер Роџер Вадим, кој ја сними во својот филм „И Бог ја создаде жената“.
За време на нејзината релативно кратка кариера, Бардо има 48 филмови и 80 снимени песни – наследство кое ја направи „олицетворение на француската слобода“.
На почетокот на 1970-тите, Бардо „се пензионираше“ од глумата, се пресели трајно во Сен Тропе на Француската ривиера и се посвети на каузата за заштита на животните преку фондација што го носи нејзиното име.
Во 1996 година, Бардо ги објави своите мемоари „Иницијали ББ“.
Во 2000 година, таа предизвика контроверзии критикувајќи ја имиграцијата и исламот во Франција, а беше казнета пет пати за поттикнување расна омраза.
Во октомври оваа година, Брижит беше хоспитализирана за операција, чија природа не беше јавно откриена.