Објавениот Аналитички извештај за јавна перцепција за 2025 година, изработен според највисоките европски стандарди и принципите на „UEFA Good Governance“, открива дека македонскиот фудбалски брод плови во правилна насока. На репрезентативен примерок од 1.563 испитаници, ФФМ доби високи оценки во клучните сектори.
После бурниот период и скандалите, ФФМ се пофали со бројките за работењето во изминатиот период.
Стабилно раководство и рекордни оценки за Масар Омерагиќ
Еден од највпечатливите податоци во истражувањето е перцепцијата за претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ. Неговата работа е оценета како добра или многу добра од страна на дури 89% од испитаниците.
- 57% сметаат дека неговата лидерска способност е на многу високо ниво.
- 52% веруваат дека Омерагиќ обезбедува стабилност во управувањето.
- Негативните оценки за неговата работа се речиси незначителни и изнесуваат под 2%, што е редок индикатор за јавна поддршка во спортскиот менаџмент.

Висока институционална доверба и транспарентност
ФФМ како институција ужива доверба кај 78% од граѓаните, додека само 10% изразиле ниска доверба. Оваа стабилност е поткрепена и со високите оценки за отчетност и интегритет:
- 80% од испитаниците сметаат дека ФФМ работи одговорно.
- 86% веруваат дека федерацијата целосно ги почитува принципите на фер-плеј.
- 76% од јавноста смета дека натпреварите во домашното првенство се регуларни, што е резултат над регионалниот просек.
Младински систем и репрезентација
Истражувањето покажува дека јавноста ги препознава инвестициите во иднината. 76% од граѓаните сметаат дека ФФМ активно вложува во развојниот фудбал, а 50% се задоволни од напредокот на младинските категории.
Во однос на А-репрезентацијата и тогашниот селектор, ставовите се поделени (39% позитивни наспроти 42% негативни), што укажува на високите очекувања на навивачите и желбата за поголеми резултати на меѓународен план.
Оптимизам за 2026 година
Македонската фудбалска јавност со оптимизам гледа кон иднината. Дури 71% веруваат дека тековните политики водат кон напредок, а 87% би ја дале својата поддршка за работата на ФФМ и во наредните 12 месеци.
Следете нè за најновите вести од македонскиот фудбал: Facebook | Instagram | X