Република Северна Македонија останува доследна на европските правила и на мерит-базираниот пристап кон проширувањето. Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во блиска консултација со Совет на Европа и Европската комисија. Документот содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции и е целосно усогласен со највисоките европски стандарди, посочија од македонското Министерство за надворешни работи откако бугарското МНР реагираше дека документот бил изработен само на англиски јазик, но дека тоа било внатрешно прашање и не било тема на билатералните односи.
„Процесот на изработка на Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците се одвиваше во повеќе фази, започнувајќи од 2023 година, при што финалната доработка беше интензивирана во последните шест месеци од 2025 година. Во текот на целиот процес беа активно вклучени и редовно консултирани домашни и меѓународни експерти од областа на меѓународното право, човековите права и правата на малцинствата. Од страна на Советот на Европа и Европската комисија беше нагласено дека документот ги опфаќа сите релевантни европски и меѓународни стандарди.
Загрижува фактот што, наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, документот е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија, што не придонесува за градење доверба и добра верба меѓу двете држави. Наместо неаргументирани коментари, од нашиот сосед очекуваме европско однесување, меѓу другото и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик.
На крај, потенцираме дека Република Северна Македонија е препознаена како позитивен пример на европско ниво во примената на правата на заедниците и така ќе продолжи и во иднина. Остануваме цврсто посветени на еднаквоста, инклузијата и ефикасната имплементација на политиките во интерес на сите наши граѓани“, се вели во соопштението на МНР.
Бугарија реагираше на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Акцискиот план за правата на малцинствата е изготвен, но не бил прифатен од Бугарија, чија главна за забелешка била тоа што документот бил напишан на македонски јазик.
Бугарското МНР: На кој јазик ќе биде Акцискиот план за малцинствата е внатрешно прашање на Македонија