Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави во средата дека ќе се сретне со дански претставници следната седмица, но не даде никакви индиции дека Вашингтон може да се откаже од планот на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд.
Нападот на американската војска врз Каракас во саботата, во кој беше грабнат венецуелскиот претседател Николас Мадуро, и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп ги обнови загриженостите меѓу Данска и нејзините европски сојузници дека арктичкиот остров Гренланд би можел да се соочи со слично сценарио.
Белата куќа соопшти во вторникот дека Трамп разговара за опции за стекнување на стратешки важниот арктички остров, вклучително и потенцијално користење на американската војска, и покрај европските приговори.
„Ќе се сретнам со нив следната седмица. Тогаш ќе ги имаме тие разговори“, рече Рубио кога беше прашан за понудата на Копенхаген да разговара за автономната данска територија.
На прашањето дали Трамп планира САД да го купат Гренланд, Рубио рече дека тоа отсекогаш била намера на претседателот.
Но, „доколку тој идентификува закана за националната безбедност, секој претседател ја задржува можноста воено да се справи со неа“.
Трамп, кој првпат ја изнесе старата идејата на Вашингтон за преземање контрола врз Гренланд во 2019 година за време на неговиот прв мандат како претседател, посочува дека островот е клучен за американската воена стратегија и дека Данска не направила доволно за да го заштити.
САД и Данска се членки на НАТО, а американската воена анексија на Гренланд би можела да го загрози опстанокот на најсилниот воен сојуз формиран по Втората светска војна, објави Reuters.