Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, информира дека во текот на првата недела од 2026 година во Македонија се пријавени 1.725 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип, што е за 2,2 пати повеќе во споредба со претходната недела.
Најголем дел од заболените се лица на возраст од 15 до 64 години (749 случаи), по што следуваат деца од 5 до 14 години (618), деца од 0 до 4 години (229) и лица над 65 години (129). Најмногу случаи се регистрирани во Скопје, Тетово и Куманово.
Во однос на општите мерки, таа апелира тие кои не се заболени да избегнуваат собири, престој во простории, молови каде има голем број луѓе, да се избегнува контакт со заболени или луѓе со симптоми на кивање и кашлање, често да се мијат раце со сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни стилови, редовно пиење вода, да се консумира лесна храна, витамини и минерали.
– Кај оние кај кои е констатиран грип препораките е да се јават кај својот матичен доктор, да останат дома, да не се оди на работа, да не се носат децата во училиште, не само заради пренесување на вирусот, ова е важно и за болните, да не ги изложуваме ни децата ни возрасните. Доколку е докажано дека имаат грип треба да бидат во домашни услови, да мируваат, да примаат симптоматска терапија препишана од матичен лекар. Многу е важно доколку се појават симптоми да се остане дома. Кај ризичните категории граѓани, над 65 години, кај децата, бремените жени, хронично болните доколку има влошување на состојбата да се јават кај својот матичен лекар – потенцира д-р Андоновска.
Според Андоновска, пикот на грипот се очекува по завршувањето на зимскиот распуст и почетокот на второто училишно полугодие.