Фудбалерите на Милан одиграа само 1:1 на домашен терен со Џенова во четвртокот вечерта во дуелот од 19-то коло од италијанското првенство.
Гостите можат повеќе да жалат за неостварената победа, бидејќи водеа со 1:0 со голот на Коломба од 28. минута до втората минута од судиското продолжение на мечот кога Рафаел Леао израмни на 1:1 по корнерот што го изведе ветеранот Лука Модриќ.
Сепак, возбудувањата не завршија ни тука, бидејќи Џенова доби пенал во шестата минута од судиското продолжение, но по долгото кошкање Станчиу шутираше над голот во деветтата минута од судиското продолжение.
Интересно е што овој резултат значеше дека ниту еден домашен тим не победи во 19-то коло од Серија А.
Второпласираниот Милан сега има 39 бода, три помалку од лидерот Интер и еден повеќе од третопласираниот Наполи, додека Џенова е 17-та со 16 бода, три повеќе од Верона и Фиорентина, кои се во зоната за испаѓање.