Сириската армија започна нови напади во делови од Алепо во четвртокoт откако им нареди на жителите да се евакуираат, обвинувајќи ги Сириските демократски сили (SDF), кои ги предводат курдските Единици за заштита на народот (YPG), дека користат области со курдско мнозинство за да започнат напади, додека судирите влегоа во третиот ден.
Војската коja сега ја сочинуваат припадници на поранешните сунитски џихадистички групации блиски на ултрарадикалните организации Исламска држава и Ал Каеда, објави повеќе од седум мапи на кои се идентификуваат областите за кои посочи дека ќе бидат цел, повикувајќи ги жителите веднаш да заминат за сопствена безбедност. Нејзината оперативна команда објави полициски час во населбите Шеик Максуд и Ашрафија од 15:00 часот по локално време.
Во борбите што избувнаа во вторникот, илјадници цивили беа протерани од своите домови, а десетина лица беа убиени и ранети, според официјалните извори.
„Денеска, до овој момент, речиси 13.500 луѓе заминаа. Повеќето од случаите што ги видовме беа жени, деца и лица со посебни потреби, а некои пациенти беа евакуирани во болница или им беше укажана медицинска помош со амбулантни возила“, рече Фаисал Али, раководител на операциите на Сириските сили за цивилна заштита во Алепо.
Водството на SDF, кој покрај курдските сили ја сочинуваат и сунитски борци кои со поддршка на соседните монархии и западните земји во 2011 година го започнаа бунтот против секуларната власт на деценискиот претседател Башар ал-Асад, соопшти дека нивните борци учествувале во интензивни судири со фракции и помошни сили поврзани со исламистичката власт во Дамаск во близина на сирискиот округ Алепо, додавајќи дека нанеле она што го опишаа како големи жртви.
Обвинувања за етничко чистење
Премиерот на курдската регионална влада, Масрур Барзани, изјави дека е длабоко загрижен од нападите врз курдските населби во Алепо – најнаселениот град во регионот на Левантот во кој пред битката за градот во 2024 година живееше најголемата христијанска заеднца од 250.000 луѓе во регионот – предупредувајќи дека нападите врз цивилите и обидите за промена на демографијата на областа претставуваат она што тој го опиша како етничко чистење. Барзани ги повика сите страни да покажат воздржаност, да ги заштитат цивилите и да го продолжат дијалогот.
SDF ги обвини фракциите поврзани со Дамаск дека се закануваат со нелегални напади врз цивилни области, велејќи дека јавните предупредувања за гранатирање би можеле да претставуваат присилно раселување и воени злосторства според меѓународното хуманитарно право.
Сојузот на SDF е поддржан од САД кој контролира голем дел од североисточна Сирија и е главен локален партнер на Вашингтон во борбата против Исламска држава.
Курдските власти воспоставија полуавтономна администрација во областите и деловите на Алепо за време на 14-годишната војна во Сирија и се спротивставуваат на целосната интеграција во владата предводена од исламистите, која ја презеде власта откако поранешниот секуларен претседател Башар ал-Асад со поддршка од турските единици кои извршија инвазија во Сирија повеќе години претходно беше соборен кон крајот на 2024 година. Претходно на почетокот до граѓанската војна војската лојална на ал-Асад без борби се повлече од курдските региони кои и до 2011 година имаа одреден степен на автономија.
Дамаск минатата година постигна договор со SDF, кој предвидуваше целосна интеграција до крајот на 2025 година, но напредокот е ограничен, при што двете страни се обвинуваат меѓусебно за одложување. САД се обидоа да посредуваат, одржувајќи состаноци веќе во неделата, иако тие разговори завршија без опипливи резултати.
Неуспехот на владата да ги интегрира SDF во сириската армија би можел да доведе до поголемо насилство и потенцијално повторно да ја вовлече Турција во конфликтот, која се закани дека ќе ги нападне курдските борци од Единциите за заштита на народот (YPG) коишто ги смета за суириски огранок на Работничката партија на Курдистан (PKK) прогласена за терористичка организација која повеќе од четири децени води бунт против турската држава.
Турција во четвртокот соопшти дека е подготвена да ѝ помогне на Сирија доколку биде побарана откако сириската армија независно започна со она што го нарече „антитерористичка“ операција во Алепо.